Видео: Спасовски: Нервоза и навреди од Мицкоски и Стоилковиќ кон пратениците на СДСМ, бараме реакција од Гаши

Пратеничката група на СДСМ, денеска за време на паузата на собранската седница, на чиј дневен ред е реконструкцијата на Владата одржа прес-конференција на која реагираше, за како што велат навредите на премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ кон пратениците на опозициската партија.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски изјави дека прес-конференцијата ја свикале во вонредни околности, затоа што, како што, рече, она што се случило на седницата на Собранието е вон сите демократски критериуми, особено што доаѓа од страна на претседател на Владата и на кандидат за министер.

-Целата македонска јавност беше сведок на една огромна нервоза во моментите кога се разговара за дебаклот и за неуспесите во двете години на извршната власт. Клучно правило во демократијата е да ги чуете сите критики, сите слабости и од тоа да извлечете поука и, веројатно, да се подобрите. Меѓутоа, демократијата во Македонија се сфаќа на еден поинаков начин. Мислите дека ќе постигнете подобри резултати ако ги нападнете оние што укажуваат на слабостите во македонското општество – истакна Спасовски.

Тој додаде дека навредите што денеска биле упатени кон двајца пратеници на Социјалдемократскиот сојуз, заменик-координаторот Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите и за изборот на Владата, не се напад што се случува првпат.

-Меѓутоа, тоа претставува говор на омраза кој сигурно може да роди насилство. А тоа што следеше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, не само вербален, од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници не само вербално, туку и со пцовки. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере. Ниту случувањата во овие две години, ниту лошата економска состојба, ниту катастрофите во земјоделството, ниту лошите социјални политики, ниту стопирањето на европскиот пат не може да се анулираат преку напади кон опозицијата, ниту, пак, преку напади кон пратениците – нагласи Спасовски.

Тој рече дека особено го загрижува молчењето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој, како што изјави, немал ниту една реакција, а бил должен да реагира затоа што претседава со седницата, затоа што тоа што било кажано не е во рамките на нормите на Деловникот и затоа што Собранието едногласно донело Етички кодекс, со кој се пофалиле сите.

-Меѓутоа, тој не може да важи само за пратениците во Собранието. Тој треба уште повеќе да важи за гостите во овој законодавен дом, а тоа се претседателот на Владата, членовите на Владата и сите оние што ги избира Собранието. Тие еднаш засекогаш мора да запаметат дека мора да бидат одговорни пред оние што ги избираат, односно на тој начин да покажат дека се одговорни пред граѓаните, бидејќи пратеникот е претставник на граѓаните. Затоа апелирам и барам извинување, затоа што никој апсолутно не заслужува да биде навреден, на никого да му се упатуваат закани и на никого да му се упатуваат пцовки. Тоа како реакција го бараме од страна на претседателот на Собранието, за да покаже дека е прв меѓу еднаквите – додаде Спасовски.

Back to top button
Close