(ВИДЕО) Туристички автобус падна во река во Италија – снимен моментот на падот
Први во помош пристигнале неколку веслачи кои скокнале во водата и успеале да го извлечат возачот од кабината. И покрај обидите за реанимација, 64-годишникот не успеале да го спасат. Очевидци велат дека веќе бил мртов кога го извлекле на брегот.
По проверка од страна на пожарникарите, кои околу 21 часот го извлекле автобусот, било утврдено дека во возилото немало никој освен возачот. Во несреќата била вклучена и шестчлена фамилија, меѓу кои и едно мало дете. Повредени се три жени кои биле пренесени во болница.
Истрагата на правосудните органи и локалната полиција треба да ги разјасни деталите за несреќата. Обдукцијата на телото на Никола Ди Карло треба да покаже дали починал пред или по падот во реката По. Неколку аматерски видеа го прикажуваат моментот кога автобусот почнува да се лизга, а во кабината се гледа силуетата на човек кој се обидува да стане од возачкото седиште. Една од хипотезите е дека му се слошило и дека веќе не можел да го контролира автобусот, но тоа ќе го утврди истрагата.