Виена, Прага и Братислава бараат „кочница“ за билатералните прашања во преговорите за ЕУ

Австрија, Чешка и Словачка, во заеднички неофицијален документ (нон-пејпер) дистрибуиран на 7 октомври во пресрет на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, го посочија спорот меѓу Хрватска и Црна Гора како пример за билатерално прашање што го забавува пристапниот процес на кандидатите за членство, пишува загрепски „Вечерњи лист“. Во истиот контекст на билатерални пречки што ги кочат евроинтеграциите, во текстот се споменува и спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Според весникот, иницијативата се случувала во пресрет на вчерашната нова меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Црна Гора, на која Подгорица ја продолжува завршната фаза од пристапните преговори. Притисокот врз Хрватска како земја членка не застанува тука, се наведува во текстот на „Вечерњи лист“, бидејќи речиси истовремено и Европската комисија предлага билатералните прашања што не се дел од пристапните критериуми да се решаваат надвор од преговорите. Дополнително, Комисијата ја отвора и можноста во одредени меѓучекори да се отстапи од принципот на едногласност на сите земји членки.

Австрија, исто така, одделно го стави прашањето за проширувањето и ветото пред министрите на сите земји членки, што претставува „троен притисок, кој, сепак, во голема мера произлегува од веќе договорените критериуми“, пишува „Вечерњи лист“.

Овој нон-пејпер на Австрија, Чешка и Словачка оди подалеку од вообичаените повици за забрзување на проширувањето. Овие три држави предлагаат постепено вклучување на кандидатите во одредени политики, програми и агенции на ЕУ пред полноправното членство, поедноставно донесување на дел од техничките одлуки и одржување на динамиката на преговорите. Пораката во однос на билатералните спорови е подиректна: тие треба да се решаваат преку директни разговори меѓу државите за да не го попречуваат напредокот на кандидатите.

„Кога Хрватска инсистира на расчистување на односите со Црна Гора, таа не тргнува само од барањата што самата ѝ ги поставила на таа земја. Добрососедските односи изречно се дел од преговарачката рамка и еден од критериумите според кои се оценува напредокот на Црна Гора кон членството, додека Загреб дел од отворените прашања ги поврзува со воените злосторства, исчезнатите лица, правата на жртвите и другите обврски од пристапниот процес. За некои земји наједноставно би било спорните прашања да се стават во фиоката на билатералните односи за да се забрза членството. Но, одредувањето што е билатерален спор, а што прашање на добрососедски односи, многу лесно може да стане политичко и арбитрарно“, се додава во текстот.

Документот на трите земји не настанал одеднаш. Австрија, Чешка и Словачка се состанаа на 29 септември во Виена во рамките на Славковскиот формат, а неколку дена подоцна нивните министри за надворешни работи заедно заминаа во Подгорица. Австриската министерка Беате Мајнл-Рајзингер изјави дека членството на Црна Гора е „на дофат“, додека словачкиот министер Јурај Бланар отиде чекор понатаму, посочувајќи дека Црна Гора технички ги исполнува параметрите за пристапување, но остануваат пречки што не се целосно поврзани со самиот процес, туку произлегуваат од стари историски прашања во регионот. Тогаш тој не ја спомена Хрватска, но пет дена подоцна, спорот меѓу Загреб и Подгорица веќе се најде во заедничкиот нон-пејпер. Австрија не застана тука и за Советот за општи работи на 13 октомври го предложи проширувањето како посебна точка на дневниот ред, со сопствено образложение, пренесува црногорски „Вијести“.

Еден ден пред објавувањето на нон-пејперот, Европската комисија го објави својот предлог-документ „Подготовки за поширока Унија“ (Preparing for a wider Union). Во него се наведува дека билатералните прашања што не се поврзани со пристапните критериуми треба да се решаваат билатерално или преку меѓународни механизми, додека за дел од чекорите во преговорите би можело да се премине на одлучување со квалификувано мнозинство наместо со едногласност. Конечната одлука за членството и натаму би останала во рацете на сите земји членки.

Комисијата предлага и идната нова членка во одреден период да се обврзе дека нема да го блокира следното проширување поради билатерален спор, а првиот пристапен аранжман во кој треба да се разработи овој модел е токму оној со Црна Гора. Аргументот на Хрватска е јасен: барем дел од пакетот барања кон Подгорица не го смета за дополнително наметнат билатерален услов, туку за прашање што е дел од рамката според која се оценува кандидатот. Сепак, токму околу повлекувањето на таа граница ќе се води главниот спор, бидејќи од тоа зависи и колкав простор има Хрватска да задржи одредени црногорски поглавја отворени.

Дека спорот веќе навлегол во самиот преговарачки механизам, според „Вечерњи лист“, покажува Поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика и за кое Хрватска изразила резерва.

Првиот официјален нацрт на заедничката позиција на ЕУ бил изработен на 10 јуни, а на 21 јуни претседателството на Советот составило компромисен предлог (WK 9132/26) – интерен работен документ со кој се настојува да се усогласи заедничката позиција на сите земји членки. Документот со месеци се враќа во COELA, работната група на Советот задолжена за проширувањето, во која се застапени сите земји членки. Повторно бил разгледуван на 2, 6, 7 и 8 октомври, но сè уште не стигнал до COREPER, Комитетот на постојани претставници на земјите членки, кој ги подготвува политичките одлуки за министрите.

Во меѓувреме, посебна работна група веќе го подготвува идниот пристапен договор на Црна Гора и техничките приспособувања токму во областа на транспортната политика. Нејзиниот документ (WK 13824/26), во кој се разработува како правилата на ЕУ од оваа област ќе се применуваат во Црна Гора по нејзиното пристапување, бил изготвен во средината на септември, на 30 септември ја добил првата, а на 6 октомври и втората ревизија, наведува „Вечерњи лист“.

Така, посочува весникот, Европската Унија веќе го подготвува транспортниот дел од идното членство на Црна Гора, додека земјите членки сè уште не се договориле да се затворат преговорите за транспортната политика.

„Хрватска притоа се најде во необична позиција: дел од нејзините барања имаат основа во правилата што ги поставила самата Унија, но сега мора да ги брани во момент кога сè поголем број земји членки сакаат да ги отстранат токму пречките што би можеле да ја забават завршницата на црногорските преговори. Границата меѓу пристапниот услов и билатералното прашање така веќе не е само спор меѓу Загреб и Подгорица. За неа почна да се расправа и во самата Унија“, заклучува весникот.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close