Вилма Русковска: Боки 13 ги однел парите од „Рекет“ дома, а наводните пораки од неговиот телефон се лажни
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во емисијата „На кавга со Иван“ изјави дека не ја проверувала сопственоста на телевизијата, за која Бојан Јовановски – Боки 13 се претставувал како сопственик, бидејќи немала причина да го стори тоа пред почетокот на постапките за случаите „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, пренесува Слободен печат.
— Имаше билброди за таа телевизија. Што правеше полицијата тогаш, ние сме орган за прогон, не сме орган за откривање на кривични дела. Некој треба да го открие кривичното дело за да ние реагираме — рече Русковска.
За Бојан Јовановски – Боки 13, Вилма Русковска изјави дека не се движеле во исти кругови, но дека повремено го гледала во кафулиња, каде секој седел одделно со различно друштво.
Говорејќи за случајот „Меѓународен сојуз“, таа објасни дека адвокатите побарале нивен вештак да го прегледа телефонот на Јовановски, што судијата го дозволил, но со предупредување дека материјалите може да се користат исклучиво за судски цели. Според Русковска, Бојан ја злоупотребил оваа можност, па дури и во некои поткасти биле прикажувани наводни пораки телефонот, кои, како што вели, биле целосно неточни.
Во однос на парите од случајот „Рекет“, таа додаде дека снимката која беше објавена никогаш не била оспорена – ниту од обвинителството, ниту од одбраната.
— Оштетениот Јордан Камчев донесе дискови кои беа вештачени во полиција и не може тоа да се побие никако. Снимките ги има до возилото. По вештачењето на телефонот на Боки, парите беа на една фотелја наредени, во домот на неговите родители. Имавме точно локација и време по вештачењето на телефонот. Тогаш се гледаат во домот на неговите родители, по што им се губи трагата — рече Русковска.
Таа посочи дека Бојан Јовановски, чија казна затвор беше прекината за лекување, летово бил на летување во Турција, а подготвува и песни и други манифестации во моментов, пренесува Слободен печат..