Влада: Отстранувањето на ризиците по УНЕСКО статусот на Охридското Езеро мора да биде врвен приоритет за сите

Неопходност од преземање итни мерки и активности, како и највисока подготвеност на сите чинители вклучени во процесот за да се отстранат опасностите по Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство, согласно насоките на УНЕСКО, е од врвен приоритет и на новиот состав на Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија. Покај веќе преземените мерки и активностите кои се во тек, годинава се предвидува и донесување ДУП од државно значење за целото крајбрежје на Охридското Езеро за спречување на урбана узурпација на крајбрежјето и водите на езерото, кој треба да го изготви Министерството за трнаспорт и врски.

Како што соопшти владината прес-служба, Националната комисија за УНЕСКО која е во координација со владиното интер-ресорско тело со кое претседава премиерот Зоран Заев е вклучена во подготовката на Извештајот за напредокот за 2020 година кој нашата држава треба да го достави до Центарот за светско наследство на УНЕСКО до 1 февруари оваа година.

Во овој извештај, како што се наведува, ќе влезат сите значајни активности и мерки коишто нашата држава ги реализираше во насока на зачувување на статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, како што е формирањето и функционирање на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и Акцискиот план за постапување по Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2017 година.

-Во овој период е донесен и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион до 2029 година со акциски план за имплементирање на режимите за заштита. Во рамките на овие активности поништени се плановите и проектите за ски центар и пат низ Националниот парк Галичица, како старите проекти за туристичко-развојните зони кои на ниту еден начин не се вклопуваа со критериумите што го определуваат статусот на Охридското Езеро и природното и културно наследство на Охридскиот регион на листата на УНЕСКО, стои во соопштението.

Back to top button
Close