Влада: Пауновски доби три дописи за неговото непостапување, имаше и усни укажувања

Владата тврди дека во три наврати писмено му укажала на директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, за неговото непостапување во случајот со преземањето на рамковно вработените од Министерството за политички систем и за односи меѓу заедниците.

На Твитер профилот на портпаролот на Владата ги наведуваат датумите кога биле испратени дописите до ДПИ од две министерства.

„Пауновски е детално информиран за неговото непостапување – ДПИ доби дописи на 5, 10 и 21 април од министерствата за политички систем и за информатичко општество и администрација. Имаше и повеќе усни укажувања. Во меѓувреме не побарал средба, не разговарал и не предложил начин на решавање на евентуалните предизвици“, велат од Владата.

Реакцијата на Владата доаѓа откако Пауновски за Алсат ТВ изјави дека не добил никакво укажување за неговото поднесување. Од Илинденска и синоќа излегоа со соопштение дека директорот на ДПИ бил писмено известен за сите детали во врска со оправданоста на распределбата на рамковно вработените, како и дека тој не ја почитувал законската обврска.

Back to top button
Close