Владата донесе одлука интервентно да обезбеди од денес и во наредните неколку дена по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар

Во врска со состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Владата од првиот момент е во постојана координација со сите надлежни институции и внимателно го следи развојот на настаните. Покрај институционалниот одговор, постапувањето на надлежните органи и спроведувањето на сите неопходни контроли и анализи, Владата донесе одлука интервентно да обезбеди од денес и во наредните неколку дена по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар, со цел да се обезбедат основните потреби на населението додека траат мерките и препораките на надлежните институции, брифираат од Владата за МИА.

 

Дистрибуцијата на водата ќе се реализира прелу Службата за општи и заеднички работи на Владата преку следните пунктови:

 

– Водостопанство – Гостивар, ул. ЈНА бр. 139

– Градинка „Пролет“, ул. Беличица бр. 47

– СЕОУ – Гостивар (Средно економско училиште), ул. Живко Брајковски бр. 39

– ЈП Национални шуми – Подружница „Шар“ Гостивар, ул. Браќа Ѓиноски бр. 165

– АД ЕСМ – Подружница кај гаражите (питарница), ул. Илинденска

– Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг, ул. Чеде Филиповски бр. 29

– Територијална противпожарна единица – Гостивар, ул. Беличица бр. 35

 

Истовремено, како што наведуваат од Владата, сите надлежни институции продолжуваат со интензивните контроли, анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за настанатата состојба.

 

-Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси одговорност согласно закон. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, со цел навремено и точно информирање, велат од Владата за МИА.

 

Приоритет на Владата, посочуваат оттаму, останува заштитата на здравјето на граѓаните, брзата институционална реакција и целосното надминување на состојбата, а Владата ќе продолжи да презема сè што е потребно за обезбедување поддршка на граѓаните сè до нормализирање на состојбата.

Back to top button
Close