Владата на Хрватска размислува да воведе „црни листи“ на трговци што го злоупотребуваат воведувањето на еврото

Министерот за економија на Хрватска нагласи дека во владата интензивно се разговара и за воведување „црни листи“, а ангажирани се и шест здруженија на потрошувачи кои ги следат цените и можат на своите веб-страници да ги објавуваат сите оние што не работат во корист на потрошувачите, односно пробуваат да ги измамат граѓаните
Откако Хрватите почнаа да се жалат на многубројни поскапувања на продуктите и услугите со воведувањето на еврото, хрватскиот министер за економија и одржлив развој Давор Филиповиќ изјави дека државата ќе ги искористи сите расположливи механизми за да го спречи поскапувањето на храната и другите артикли бидејќи, како што рече, нема причина за овие поскапувања.

Тој нагласи дека во владата интензивно се разговара и за воведување „црни листи“, а ангажирани се и шест здруженија на потрошувачи кои ги следат цените и можат на своите веб-страници да ги објавуваат сите оние што не работат во корист на потрошувачите, односно пробуваат да ги измамат граѓаните.

„Покрај тоа, во периодот што следува, секако ќе ја разгледаме опцијата Министерството за економија да направи црна листа и да ги објави сите оние кои работат на штета на нашите граѓани и со тоа постојано ја поттикнуваат инфлацијата“, посочи Филиповиќ.
Тој додаде дека воведувањето на еврото нема да предизвика дополнителен стрес кај граѓаните на Хрватска.

Само четири дена откако Хрватска влезе во еврозоната, граѓаните се жалат на поскапувања од најосновните продукти како леб и млеко, па сè до такси-превозот, фризерските услуги, паркинг-услугите и слично.

Заедничко за повеќето поплаки од граѓаните, како што додава медиумот, е тоа што дошло до заокружување на цената во евра. Па така, ако некој продукт или услуга чинела 13 куни, цената сега е „заокружена“ на две евра, што е значително поскапување.

Државниот инспекторат на Хрватска вчера извести дека за три дена од воведувањето на еврото се утврдени вкупно 1 738 прекршувања на одредбите од Законот за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска и обврска за објавување цени. Дополнително оттаму посочија дека е регистриран и 51 случај на продажба на одредени прехранбени производи над максимална дозволена малопродажна цена утврдена со одлука на Владата.

Back to top button
Close