Владиката Петар не бил разбран: Трансродовите лица биле богохулни, жената е рамноправна со мажот, но не може поради кариера да не биде мајка


Сосема е извадена од контекст мојата изјава, изјави во вечерашното издание на „Топ Тема“ на Телма, митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар, во однос на неговите коментари изнесени во велигденското послание, дека родовата еднаквост била богохулна, противприродна и изопачена.

Митрополитот Петар тврди дека неговите коментари се однесувале само на оние лица што го менуваат полот, односно на трансродовите лица.

„Тоа што Господ го создал. Машко да биде машко, а женско да биде женско, треба да се почитува. Јас кажувам дека луѓето ќе речат: јас не сакам да бидам маж, сакам да бидам жена, а не можам да станам, но ќе се чувствувам како жена, ќе се претставувам како жена. Прашањето е дали мажот што ќе си го смени полот може да раѓа и обратно, жената кога ќе стане маж, дали е таа во состојба да оплодува жена“,изјави митрополитот Петар.

Според него, вината за разводот на браковите во најголем случај е кај мажите, затоа што ги изневерувале жените.

„Според црквата, само во тој случај бил дозволен развод на бракот, додека како решение за останатите причини за развод на браковите, како семејното физичко или ментално насилство, го препорачува решението: жената да биде одвоена од мажот, не разведена. Не мора да бидат заедно, но не мора да се разведат. Ние ги разведуваме жените и мажите ога ќе побараат, но треба да утврдиме зошто е побаран разводот. Кој е виновникот за разводот? Зборувам за црковниот суд, не граѓанскиот. Црковниот суд разведува или не разведува“,

рече митрополитот Петар.
Во однос на неговите коментари кои ги разгневија феминистките дека жените често кога сакаат да докажат дека имаат еднакви права, ја запоставуваат својата улога на жена и мајка, митрополитот Петар посочи:

„Има жени кои сакаат да имаат кариера и заради кариерата која сакаат да ја имаат, земаат контрацептивни средства и не сакаат да родат дете. Втората работа е дека има жени кои заради тоа што сакаат да уживаат во половите односи, не сакаат да раѓат деца, па затоа ќе ги абортираат. Проблемот е во тоа дека заради кариера, не сака да биде мајка. Заради кариера не сака да забремени“,изјави г. Петар.

Тој додаде дека, „жената е рамноправна со мажот и јас тоа никогаш не сум го негирал. Само ми се импутира“.

Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар во своето велигденско послание ја опиша идеологијата за родовата еднаквост, како манипулативна, богохулна, отровна, изопачена и погубна која молскавично му се заканува на нашето општество.

Тој се осврна и на феминизмот, велејќи дека до неговата појава жената била сопруга, мајка и домаќинка, а денес таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но, како што рече, често и разведена и самохрана мајка. Додаде и дека кога некој бара поголеми права, треба да е подготвен да извршува и поголеми должности зашто, според него, барањето права без обврски е нихилизам.

Ваквите негови коментари предизвикаа бруни реакции во јавноста, а Платформата за родова еднаквост побара од архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и од Синодот на МПЦ-ОА да го расчини владиката Петар од позицијата.

Back to top button
Close