ВЛЕН го започна процесот на трансформација од коалиција во политичка партија!

Коалицијата ВЛЕН, предводена од Арбен Таравари, Биљал Касами, Изет Мeџити и Зеќирија Ибрахими, се состана во Тетово за да дискутира за спојување на делот од АА, БЕСА, Алтернатива и Демократско движење во обединет политички субјект или, како што велат, регионално политичко движење, со цел да еволуираат во симбол на национално единство на Албанците.

Притоа, од таму информираа дека одлучиле да се формира т.н. политичко координативно тело составено од 9 претставници на партиите што се дел од политичкиот сојуз, со цел, како што соопштија, постепена внатрешна интеграција заради зголемување на ефикасноста во испорака на предизборните ветувања и заедничко сихронизирано политичко делување.

„Ние ги слушаме барањата и очекувањата на гласачите. Нивната волја е ВЛЕН да стане симбол за сенародното обединување на Албанците. Затоа, следен чекор е промоција на коалиционата Комисија за прашања на изборите, именувањата и надзор на спроведување на политиките, потоа заедничка веб страна, коалициони канали за комуникација на новите медиуми, заеднички Центар за комуникации со јавноста и назначување на портпарол на коалицијата.

ВЛЕН прераснува во политички бренд кој работи исклучиво во интерес на обезбедување на сигурна иднина за Албанците. Овој процес е тргнат и нема застанување. Наша цел е ВЛЕН да прерасне во регионално политичко движење кое фокусирано ќе ги адресира потребите на Албанците преку спроведување на реалполитички чекори“, соопштија од коалицијата, која е дел од парламентарното мнозинство.

Како што изјави лидерот на БЕСА и тетовски градоначалник Касами, кој е дел од координативното тело заедно со другите партиски лидери и уште неколку претставници, ова го покажува „духот на соработка кој постои во рамките на коалицијата ВЛЕН, но и барањето на гласачите на оваа коалиција полека да се движи во насока на хомогенизација на структурите или формирање на заедничка структура“.

Иако Таравари, се уште актуелен лидер на поделената Алијанса за Албанците и министер за здравство, се споменува како најсериозен кандидат за лидер на новата политичка партија, во која под коалицискиот назив ВЛЕН треба да се обединат коалициските партнери, тој вели дека кадровскиот избор за лидерската позиција не е важен, туку битно е да има кохезија во рамки на сојузот

Back to top button
Close