ВМРО ДМНЕ ќе атакува на Арсовска сега преку ЈП „Водовод“, Славевски ја обвинува за мобинг

Тој се осврна и на ситуацијата во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, од каде, како што посочи не бараат пари и дека тоа е добро, но тука, според него станува збор за меѓучовечките односи и третманот на вработените. Славески повторно нагласи дека според негови сознанија постои реален проблем во ЈП „Водовод и канализација“, но, како што рече се случува и во другите претпријатија и со администрацијата на Град Скопје
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески во вечерашното гостување на „Сител“ изјави дека за него лично, но и за советниците ситуацијата со Јавното сообраќајно претпријатие дошла сосема неочекувано.

„Ние не можеме на дневна основа да следиме што се случува со јавните претпријатија. Добиваме тримесечни извештаи, ги ставаме на седници на Совет, советниците дискутираат. Еве дури и се доцни со извештајот на ЈСП“,
рече Славески, кој воедно е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој се осврна и на ситуацијата во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, од каде, како што посочи не бараат пари и дека тоа е добро, но тука, според него станува збор за меѓучовечките односи и третманот на вработените.

„Јас добив пред неколку дена допис за информирање како претседател на Советот на Град Скопје. И таму ги има подетално овие наводи што се кажуваат. Морам да истакнам дека речиси целиот овој период по стапувањето на должност од страна на градоначалникот Арсовска, особено во последниот период стигнуваат вакви жалби од вработени не само во јавните претпријатија, туку посебно од сменетите и новоназначени В.Д. директори. Ние сме подготвени во рамките на надлежностите на Совет ако треба ќе формираме и посебно тело, комисија, некој вид на омбудсман да ги сослушаме жалбите на вработените“, вели Славески.
Претседателот на Советот на Град Скопје посочи дека преку Управните одбори Советот може да побара дополнителен извештај, искази или сослушување на вработените.

„Има институции, има закони за заштита од мобинг, злоставување. Така што тоа е дефинирано. И јас не би сакал тоа да излезе надвор од рамките на ингеренциите на Совет, Управните одбори, градоначалникот. Па, еве апелирам да се реши проблемот колку што е можно побргу“, нагласи Славески.

Тој повторно нагласи дека според негови сознанија постои реален проблем во ЈП „Водовод и канализација“, но, како што рече се случува и во другите претпријатија.

„Во последните месец дена ми имаат пријдено можеби десетина вработени од раководители до некои да речам службеници на Град Скопје кои што се да речам на пониски позиции, луѓе во тешка психичка состојба кои што дошле до претседателот на Совет да го информираат дека се малтретирани од страна дали е на градоначалник, или од новоназначениот секретар на Градот. Јас ги прибирам информациите и сослушувам. Јас тоа го споделив со неколку советници за да најдеме законска можност. Дали тоа би го предложил на следната седница или може да формираме некоја комисија која што ќе ја утврди фактичката состојба со третманот на администрацијата во Град Скопје. Затоа што градоначалникот и секретарот тука се неприкосновени, значи со еден потег, ако некој поради една или друга причина не им се допаѓа, ги исклучуваат од електронски пристап до нивните податоци и мејлови “, рече Славески.

Вработените на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, поради неисплатена плата за септември, одлучија да прекинат со работа и да ги остават автобусите паркирани во гаражите. Така скопјани, првпат во историјата, неделава останаа на два дена без градски превоз. Во градот се случи вистински хаос, а граѓаните ја повикуваа Арсовска да го реши проблемот и да се потсети на своите ветувања за бесплатен градски превоз дадени во текот на изборната кампања.

За ваквата состојба Арсовска, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваа меѓусебе. За Арсовска виновна била власта бидејќи му должела пари на ЈСП; според СДСМ, виновни се Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ и нивните „рачиња во медот“; за „рачиња во медот“ обвинија и од ВМРО-ДПМНЕ, но за оние на СДСМ и Арсовска.

На завчерашната вонредна седница на Советот на Град Скопје, закажана по барање на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија ги нападна директорот на ЈСП, градоначалничката, но и Владата дека се одговорни за состојбите во претпријатието, додека СДСМ рече дека се случила катаклизма по само една година власт на Арсовска и партијата што ја поддржа. Градоначалничката, пак, најмногу обвинувања упати кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Мицкоски, повторно нарекувајќи го „шпицниот градоначалник кој е замена за сите градоначалници“ и оној што „оди на отворање чешми и тротоари“.
Антагонизмот меѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, со чија поддршка стана градоначалник на главниот, проследен со јавни обвинувања и остар речник почнаа со смената на директори на јавни претпријатија од редовите на партијата , а ескалираше на седницата на Советот на Град Скопје на 15 септември, а со несмален интензитет продолжува и понатаму.

Back to top button
Close