ВМРО ДПМНЕ: Филипче одобрил незаконско градење на модуларните болници

Министерството за здравство, во времето на Венко Филипче дозволил изградба на 16 КОВИД модуларни болници низ територијата на Република Македонија, кои не исполнуваат минимални стандарди“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Спроведувањето на набавката го прави МТСП, а техничките спецификации и усогласеност на постапка според законски и подзаконски акти за здравствени објекти, го прави лице од МЗ, назначено од Венко Филипче.

Е сега, што е тука спорно?

Спорна е техничката спецификација, која ја прави одговорното лице назначено од Венко Филипче, каде што подоцна се констатира, дека не е во согласност со ниту еден стандард за изградба на објекти од областа на здравството. Не се почитувале Законот за градење и Законот за здравствена дејност, и не се почитувале минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии.

Исто така многу важно за овој случај, е што овие болници се набавени и поставени како стоки, а стоки во ниту еден случај не можат да бидат користени како објект во кој се обавува здравствена дејност!

Пред да се случи пожарот во модуларната болница каде што загинуваат 14 наши сограѓани, наместо да се подобрат стандардите на болниците, Министерството за транспорт и врски, по предлог на Владата, го промениле законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема за чие поставување одобрение ќе издава МЗ или тогашниот министер, Венко Филипче.

Овие болници не се запишани во катастар, немаат добиено одлука од Влада за трајно користење и немаат одобрение за употреба по правилник за простор опрема и кадар.

За овие работи, има евиденција во проектната единица во МЗ и истата е предадена на Јавното обвинителство за организиран криминал на ден 12.12.2023, обвини Манасиевски.

Тој најави дека и утре ќе продолжат со детали за темата.

-Модуларните болници се бесправно и противзаконски поставени и не смеат да бидат користени за вршење на било каква здравствена или медицинска дејност.

Оттука, го прашуваме Филипче, дали провизиите чинеа повеќе од животот на граѓаните? Зошто одобрил изградба на модуларни болници противзаконски? Зошто модуларните болници ги квалифицирале како стоки, во кои никако не смее да се обавува здравствена дејност?

Back to top button
Close