ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла обвинувањата на СДСМ: Сите јавни набавки во општините и во Град Скопје се согласно закон


ВМРО-ДПМНЕ ги одби како неосновани обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека фирма блиска до владејачката партија добила 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека опозиционерите не понудиле ниеден доказ за незаконско постапување за случајот што го посочуваат.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека сите јавни набавки во општините и во Градот Скопје се спроведени согласно Законот за јавни набавки преку транспарентни и јавно објавени постапки и се достапни за проверка од сите надлежни институции.

„Наместо да шири шпекулации и наводи од анонимни свиркачи, СДС треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за уништената доверба на граѓаните во институциите за време на нивното ‘успешно’ владеење, кога ја пљачкаа државата, ги уништуваа институциите и го осиромашуваа народот, за сега со украдените пари да тераат бизниси по светски дестинации како Дубаи“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицискиот СДСМ претходно денеска обвини дека компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ инкасирала 16 милиони евра од преку 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Како последен во низата, СДСМ посочи тендер во Град Скопје од декември 2025 година со кој, како што наведоа, истата фирма добила договор вреден 320 000 евра веднаш по преземањето на функцијата на новиот градоначалник.

Back to top button
Close