ВМРО-ДПМНЕ готви 5.000 амандмани за Законот за амнестија – Лога ќе делел слики
Со 5.000 амандмани ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира носењето на законот за аменстија. Информацијата денеска и официјално ја потврдија од опозициската партија. Од таму додаваат дека планираат целосна блокада на оваа точка на утрешната собраниска седница. Наспроти ова, Министерот за правда најавува дека пратениците ќе ги убедува со слики од состојбата во која се наоѓаат затворите.
Интересно е што со законот за министерот Лога не се согласува ниту неговата заменичка во Министерството за правда која најави дека нејзината партија СДСМ ќе поднесе амандамни за да спречи осудените за Монструм да бидат аменстирани.
Покрај оваа точка, на утрешната седница најавено е и распишување на оглас кој треба да го пополни празното место во ДИК, кое според законот треба да и припадне на албанската опозиција.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе даде поддршка новиот член на ДИК да дојде од редовите на здружената опозиција на Касами, Меџити и Гаши.
Меѓу точките кои се ставени на дневен ред е и интерпелацијата на Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески но во опозицијата се сомневаат дека власта ќе дозволи таа да се најде пред овој пратенички состав.