ВМРО-ДПМНЕ: Миленикот на Заев, Богоев местел тендер во Царина вреден 300 илјади евра и побарал мито од 2.000 евра
Стефан Богоев ја следел добро познатата матрица на својот политички ментор Зоран Заев. Додека СДС зборува за правда, транспарентност и чесност, на површина повторно излегуваат скандали, сомнежи за корупција, влијанија и договарање тендери зад затворени врати, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Богоев, поранешен директор на Царинската управа и висок функционер на СДС, е осомничен за местење тендер вреден над 300 илјади евра, при што според информациите кои излегоа во јавноста се товари и за примање награда за противзаконито влијание во вредност од околу 2.000 евра.
Очигледно е дека Богоев решил да ја следи матрицата на делување на својот политички ментор Зоран Заев кој бараше евро за Вицето.
Според јавно достапните информации, Богоев и Александар Спирковски – Џемо договарале која фирма ќе го добие тендерот за одржување на хигиената на граничните премини и царинските терминали. А со тоа директно овозможиле правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од над 18 милиони денари.
Дополнително покрај сомнежите за влијание врз тендерската постапка, Богоев се товари и дека за својата улога побарал и добил лична корист. Наместо да работи во интерес на институциите и граѓаните, Богоев работел за сопствен ќар.
Фактот што за Богоев е побарана мерка притвор говори дека надлежните органи располагаат со сериозни индиции и докази за неговото постапување.
Богоев е огледало на СДС, партија чии функционери премногу често се поврзуваат со тендери, афери, рекети и сомнежи за корупција.
Граѓаните имаат право да знаат кој и како управувал со институциите и како се трошеле народните пари. Затоа истрагата треба да биде целосна, темелна и без политички калкулации, а сите инволвирани да понесат одговорност согласно законите.
Времето кога функционери блиски до СДС мислеа дека се недопирливи мора да остане во минатото. Одговорност мора да има за секого.




