ВМРО-ДПМНЕ: „На СДС и Филипче им смета независноста и сега е против македонското знаме кое два пати го менуваше“
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на критиките од СДС за визуелните елементи на спектаклот „Силно светнал ден“.

Од владејачката партија велат дека станува збор за уметничка инсталација во која повеќекрако сонце визуелно се претопува во македонското државно знаме со осум зраци.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДС и лидерот на партијата Венко Филипче намерно го оцрнуваат настанот, иако, како што наведуваат, тој бил позитивно прифатен од граѓаните.
„На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи на политиките на претходните влади во однос на државните симболи и други прашања поврзани со државноста.
Од партијата упатуваат низа обвинувања кон СДС, меѓу кои и за уставните промени и политиките поврзани со историските и националните прашања.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека манифестацијата „Силно светнал ден“, организирана по повод 35 години независност, ја обединила државата и била позитивно прифатена од граѓаните.
Од партијата додаваат дека, според нив, критиките од СДС се обид за оцрнување на проектот и порачаа дека власта ќе продолжи со активности за, како што наведуваат, враќање на достоинството и напредокот на Македонија.






