ВМРО-ДПМНЕ почнува акција – „Ова е Македонија за сите“
Од овој викенд ВМРО-ДПМНЕ започнува акција „Ова е Македонија за сите“. Од партијата велат дека таа ќе трае до роденденот на партијата, на 17 јуни.
Оттаму велат дека овој викенд 19 тимови ќе посетат над 100 населени места во Република Македонија и ќе остварат средби со граѓани без разлика на нивната политичка, етничка и верска припадност. Целта на средбите, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, е да се запознаат граѓаните со активностите на партијата од една страна, но и да се слушнат проблемите на граѓаните и заедно да изнајдат начини на нивно решавање.
„Целта на акцијата `Ова е Македонија за сите` е да ги обединиме луѓето околу принципите на заедничкиот патриотизам, околу промени кои насушно и требаат на државата и потребата од заедничка борба за подобра иднина. Сето ова е спротивност и одговор на понудата на власта на СДС и ДУИ која Македонија ја носи во беда, понижувања, сиромаштија и иселување. ВМРО-ДПМНЕ нуди концепт на работа, вредности и идеал за напредна Македонија. Тоа ќе го постигнеме заедно со народот, затоа што ние народот го почитуваме и народот е клучен фактор во Македонија кој знае да процени што е добро, а што лошо за него и за државата. Ги повикуваме граѓаните да се вклучат во акцијата и да придонесат со својата идеа, мислење или да лоцираат проблем и предизвик, кои потоа заедно ќе ги решаваме со цел да ја обновиме Македонија од катастрофата во која СДС и ДУИ ја доведоа“ се наведува во партиското соопштение.