ВМРО-ДПМНЕ предлага реорганизација на министeрства

Спортот да добие министерство, „демографија“ и „млади“ да бидат дел од ресорот социјална политика, „труд“ да оди во Министерството за економија, а туризмот заедно со ресорот култура.

Капитални инвестиции од најмалку 3 милијарди евра, реогранизирање на министерства, намалување на боројот на пратеници, укинување на балансерот, распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и формирање на нови врз основа на вистински критериуми, се дел од вчера презентираната изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Платформа 1198“, според бројот на планирани проекти.

„Оваа програма е срочена за да гарантира целосно функционирање на системот, заштита на националните интереси, квалитетно образование, како и модерен здравствен систем“, рече партискиот претседател Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека таа содржи и конкретни реформски мерки кои ќе генерираат повисок животен стандард, притоа осигурувајќи ред и правда за сите.

Реорганизација и кастрење

Првата клучна промена за која Мицкоски очекува поддршка од сите партии е парламент со 90 пратеници, наместо 120, и реформа во изборниот законик со која земјата ќе биде една изборна единица. Другите промени се однесуваат на реорганизација на министерства и институции. Мицкоски најави отворање на Министерство за енергетика рударство и минерални суровини, бидејќи досега тоа бил еден сектор во Министерството за економија кое многу слабо ја вршел работата. Се планира досегашната Агенција за млади и спорт да биде трансформирана во Министерство за спорт, а секторот млади да влезе во министерство Министерство за социјална политика, демографија и млади. Ресорот труд да влезе во Министерство за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерство за информатичко технологија и администрација ќе биде министерство за дигитална трансформација, со цел поголема транспарентност, отчетност и очекувањата на граѓаните од администрацијата. За 10% ќе се намали бројот на јавни институции, се предвидува укинување на позицијата заменик директор, како и намалување на управните и надзорни одбори и бројот на учесници во нив, за да се намали бесполезното трошење на народни пари.

Судство: враќање на довербата, проверка на имотот

„Многу е важно во судовите и обвинителството да ја повратиме довербата зошто сега речиси не постои и е еднаква на нула, и наша цел и задача е овој систем да го обновиме од почеток. А за да го направиме тоа мораме да почнеме од вистинскиот проблем, а тоа е Судскиот совет и Советот на јавни обвинители – безусловно распуштање на овие две структури, а понатаму формирање на истите врз основа на вистински критериуми, критериуми кои ќе значат заштита на правдата“, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Една од алатките што се најавува дека ќе биде примената, е да се провери имотната состојба на сите обвинители и судии.

„Да видиме како тие успеале со своите плати да стекнат имоти за кои имаме индиции дека дел од нив ги поседуваат тие или нивните блиски семејства“, рече Мицкоски.

Нема само тие да бидат под лупа. Партијата најави дека нема да се толерира злоупотреба на службени возила за приватни цели и за да бидат јасно препознатливи за граѓаните, ќе се воведат специјални регистарски таблички за службените возила. За да се спречи корупција, ќе се споредуваат бази на податоци за проверка на имот, со што ќе се направи проверка на имотниот статус на сите граѓани.

Крај на попустливата надворешна политика

„Полноправно членство во ЕУ е основниот приоритет на надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ, а исто така клучен приоритет ќе биде негувањето на стратешкото партнерство со САД“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на дебата кадешто партијата презентираше сегменти од изборната програма во надворешната политика. Тој посочи дека ставот на партијата за спорот со Бугарија е јасен, а тоа е дека нема да има уставни измени под сегашните услови.

„Без никаков сомнеж, одложената примена на уставните измени е една легитимна алтернатива којашто ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, од наша страна ќе се бараат гаранции од ЕУ за македонскиот идентитет, јазик, но и гаранција дека веќе нема да имаме билатерализација на европската интеграција на нашата држава“, рече Муцунски, со порака дека „доаѓа крај на попустливата надворешна политика“.

Тој најави потреба од евалуација на македонската дипломатска мрежа за да се види кој какви резултати постигнал.

„Врз основа на таа евалуација потоа ќе цениме дали некој постигнал резултати, а тие кои не постигнале резултати ќе треба да бидат отповикани, и професионални, стручни и компетентни кадри да седнат на нивно место“, рече Муцунски.

Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека полноправно членство во ЕУ е основниот приоритет на надворешната политика на партијата (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Капитални инвестиции

Лидерот на партијата вчера посочи дека во нивниот фокус е економијата.

„Се обврзуваме на раст на БДП до 5% годишно, ниска стапка на инфлација не повеќе од 2% до 2,5% годишно, буџетски дефицит кој што постепено ќе се намалува на ниво под 3% од БДП, намалување на невработеноста до 7,5%, односно создавање на нови 55 илјади работни места. Македонија да биде меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и граѓаните. Ќе го задржиме рамниот данок (…) Се обврзуваме на капитални инвестиции од најмалку 3 милијарди евра“, рече Мицкоски. Најави дека ќе се заврши автопатот Кичево-Охрид, изградбата на патните правци, Тетово-Гостивар и Битола-Прилеп, ќе се изврши и реконструкција на железнички коридор 10, и набавка на возови. Во програмата е предвидена модернизација на РЕК Битола и изградба на ветерни паркови.

Во културата се планирани 750 милиони денари годишно, односно 50 милиони евра за 4- годишен мандат за капитални проекти што ќе ја поттикнат продукцијата на македонски серии и филмови, потоа 800 милиони евра за македонското земјоделство, помош од 250 милиони евра годишно за капитални проекти за општините. Во здравството се најавени вработување на 500 лекари и 500 лица медицински персонал, набавка на 100 возила за Итна медицинска помош, ограничување на маржите на лековите и медицинската опрема. „Стоп за дуализмот во Клиничкиот центар“, ќе значи дека нема да има политички директор и економски директор, туку само раководители на клиники. Приоритет ќе биде завршување на Клиничката болница во Штип.

За сите по нешто

Мицкоски најави 5.000 денари поголема пензија за сите пензионери во рок од една година од формирањето на новата влада, враќање на мерката „Обезбедување дом за млади“, центри за поддршка и згрижување на жените – жртви на насилство, 6 бесплатни ин-витро постапки, финансиска помош за прво, второ и трето дете, вработување на лица со попреченост во јавните институции, … Во програмата се планира дигитален попис на населението и домаќинствата заради прецизна слика за бројот на резидентното население и степенот на образование.

Во програмата е предвидена и изградба на жичница од Скопје до Средно Водно, формирање на Зелен фонд, изградба на спортски комплекс „Методија Андонов Ченто“во Општина Гази Баба со еден дисперзиран објект – арена за боречки спортови во Општина Бутел, спортски комплекс Битола и 50 милиони евра директна поддршка за спортот во период од 4 години. (Dw)

Back to top button
Close