ВМРО-ДПМНЕ во “фронтална” одбрана на ликот и делото на Трамп: Го нападна новинарот Сашо Орданоски
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ изутринава излезе со жесток напад преку две соопштенија против познатиот новинар Сашо Орданоски кој вчера гостуваше во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
Наспроти општата езгалтација од Доналд Трамп во ВМРО-ДПМНЕ и молкот на државните институции на неговите тврдења дека украинскиот претседател Володимир Зеленски бил диктатор и желбата на новиот Вашингтон Украина да ја претвори во колонија, Орданоски анализираше кон каде ќе водат ваквите потези.
Орданоски вчера, меѓу другото, потенцираше дека Трамп е идеолошки вљубен во Путин, оценка која е речиси општоприфатена во западните медиуми.
„Теоријата на Путин е суверена демократија, според која државата и нејзиниот водач се пред сѐ, а потоа е сѐ друго. Тоа е добро познат модел и проучен од Американците и се работи за едно комплетно партизирање на институции, упад во судството, притисоци врз медиуми, ништење на парламентот односно Конгресот. Практично претседателот на САД станува со кралски овластувања. Нам тој модел ни е познат бидејќи со него бевме соочени пред десетина година. Тој модел сега се случува во САД. Во него се знае дека Европа му пречи на Трамп бидејќи Европа е еден од главните глобални промотори на либералната демократија“ кажа Орданоски.
Тоа, очигледно, не им се допаднало на ВМРО-ДПМНЕ, дотолку повеќе што се потенцира во моментот кога делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски е во САД на годишната Конференција на конзервативната политичка акција.
Оценките на Орданоски ВМРО-ДПМНЕ ги нарече „шокантни тврдења и навреди“ за американскиот претседател Трамп и наведе дека новинарот рекол оти американскиот претседател е „рекетар и неонацист, кој лаже“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Ордановски бил близок до СДСМ, а од партијата немало ниту збор за „ваквите навреди, ниту осуда и ниту јавно оградување, што значи дека оваа партија и Венко Филипче се согласуваат со ваквите навреди кон важните стратешки партнери на државата“.
Па владејачката партија прашува дали СДСМ скршнал од прозападниот курс.
Во друго соопштение ВМРО-ДПМНЕ го нарече Орданоски „сива еминенција на СДС и еден од главните советници“ и наведува дека „со навреди го нападна претседателот Трамп, кого го нарече лажго и необразован… го нарече потпретседателот на САД Џеј Ди Венс неонацист“.
Нападите против Орданоски почнаа уште синоќа во провладините медиуми по неговото интервју, а продолжија и денеска. Ова е првиот посериозен напад врз новинари на новата влада, која досега, и покрај забелешките, се трудеше да биде коректна.
Самиот Трамп пред два дена преку официјалниот фејсбук профил на Белата куќа се означи себеси како крал.