ВМРО-ДПМНЕ: Загрижени сме за здравјето на Филипче

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изнесени на прес-конференција, обвинувајќи го дека „поставува прашања за непостоечки теми“ и дека партијата повеќепати јавно одговорила дека „во Македонија нема да има мигранти“.

Во соопштението, партијата наведува дека Филипче зборувал за случај од соседна држава со кој „ни државата, ни ВМРО-ДПМНЕ немаат никаква поврзаност“. Од партијата оценија дека ставовите на лидерот на СДСМ се „загрижувачки“ и дека темата која ја отвора е „вештачка“.

„Секојдневно повторуваме дека мигранти во Македонија нема да има. И денес Филипче пак праша истото. Не знаеме дали воопшто го слуша одговорот, но уште еднаш кажуваме – мигранти нема да има“, стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека не можат да се произнесат по најавената резолуција на СДСМ за мигранти, бидејќи, како што велат, „резолуција нема доставено“ и треба да се види каква содржина ќе има, алудирајќи дека можеби ќе содржи слични решенија како одлуката од 2018 година, за која тврдат дека Филипче како дел од тогашната влада гласал.

Во соопштението, партијата се осврнува и на синоќешниот упад во новинарска редакција, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ „веднаш го осудило инцидентот“ и отфрла било каква поврзаност со настанот.

„Му посакуваме на Филипче да се смири и да оздрави. Ваквите лажни и невистинити тези му штетат и нему и на јавноста“, наведува ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во СДСМ треба да има одговорност и „луѓе како него, Спасовски, Николовски и Бисера да си заминат од партијата“

Back to top button
Close