Внимание: Се топи „замрзнатиот конфликт“ на Косово
Одново, oва се опасни времиња за малите балкански држави. Се топи замрзнатиот конфликт помеѓу Албанците и Србите на Косово.
Што не чека?
Ќе не поплави ли сите?
Зависи, пред се, од идните политики на Америка, ама, по малку, и од нашите домашни и надворешни политики.
Следејќи ги сопствените државни интереси Американската моќ се повлекува од Европа, па и од Балканот. Да се „затвори“војната со Русија е нејзин приоритет. Потоа, намерата на САД е да им се префрли на европските држави грижата за европската безбедност, вклучувајќи ја и онаа во Украина и на Балканот. Појавата на моќниот ривал Кина наложува американската моќ да се префрли во Азија. Што ќе се случи со малите држави, во тој процес на ова поместување кон клучната закана по американската безбедност безбедност е од второстепено значење за големите сили.
“Ја читам вашата книга „Дипломатија“, му вели, во едно минато време, македонскиот амбасадор во Берлин на Хенри Кисинџера на маргините на Минхенската конференција за безбедност.
“Запрете да читате, таа книга е за големите сили а не за вас. Всушност, може да биде и против вас, малите држави како Македонија”, му одговара Кисинџер.
Што ќе донесат на Балканот новите односи на соработка помеѓу Америка и Русија во случај да се реши војната во Украина? Ако го памтите она што кажал Џулиус Њерере, дека тревата страда кога се тепаат слоновите ама и кога водат љубов, вреди сериозно да се замислиме над нашата иднина.
Како да ја предвидиме иднината на Балканот и поведението на Америка? Ако сакаш да го разбереш нечие идно поведение, погледни го неговото минато поведение. На власт се врати администрацијата на Доналд Трамп, која, во првиот мандат, во некоја фаза од својот план, предлагаше поделба на Косово. После случајот со Украина и погрешната политика на администрацијата на Бајден да ја проектира својата и на НАТО воена моќ во Украина, на границите на Русија, и после грешките на Зеленски, мораме трескавично да размислуваме – со своја глава. Мораме, ама не можеме. Го нема тој потенцијал во научните и политичките институции кои се под „окупација “ повеќе од три децении од луѓе кои три децении одбиваат да се зафата со работа во корист на својот народ. Бидејќи е така, ќе чекаме големите да „пресечат“. И немојте после да се жалите дека „пресекле“ погрешно кога се оставате на нив и одбивате да мрднете макар и со малиот прст.
Ако сè во политиката на новиот американски претседател се сведува на трошоци, не сме далеку од одлуката на новата американска администрација да се повлечат од скапиот проект со ЕУ, за помирување меѓу народите на Балканот во рамките на мултинационалните држави и меѓу нив. Алтернативата е тогаш некаква верзија на планот на Ричард Гренел , некогашниот специјален пратеник на Трамп за Балканот кој може повторно да се најде во истата улога. Пишувам за неговиот план за поделба на Косово. Односите на Косово со Америка денес се затегнати. На тврдењето на Курти дека под негово водство земјата ги унапредила односите со САД, одговори Гренел: дека Курти е „во заблуда“, дека нему не може „да му се верува“ и дека „односите никогаш не биле на пониско ниво“. Во такви околности, ќе се согласат сите на кои мирот им е на срце, дека, во соработка со администрацијата на Бајден, подобро ќе беше Косово да го имаше решено проблемот со автономијата на српските општини, а Македонија историскиот спор со Бугарија. Вака, ќе чекаме да видиме каде „ќе пресече“ новата администрација на претседателот Трамп. Всушност, доволно е, согласно доктрината „нема веќе бесплатна заштита“, Трамп да ја затвори воената база „Бондстил“.
И, тука не е крајот на приказната. Потоа, многу е веројатно, на површина да исплива и еден друг план. Планот кој, во форма на „нон-пејпер“, протече за време на словенечкото претседателство на Јанез Јанша. Според тој план, на етничките домина кои се хомогенизирани со војните во Југославија, треба да им се дозволи да паднат во Голема Србија, Голема Албанија и Голема Хрвтска, за да се изгаснат причините за етничките пожари на Балканот. Без тоа, пишуваат творците на планот, нема вистински мир, ниту европска интеграција на нашиот регион. Се разбира, цртачите на вакви планови не ги вознемирува сознанието дека голема е веројатноста падот на домината да биде проследен со војни. Уште помaла е грижата за најмалите и најслабите. Како и да биде, во случај Америка да поведе во таа насока, судбината на две етнички заедници, на босанските Муслимани и на Македонците е најнеизвесна.
Денко Малески