Во април ќе биде познат кандидатот за градоначалник на Скопје на СДСМ, Филипче најави можна поддршка и на независни кандидати на локалните избори
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва информираше дека до 15 или 20 март ќе биде завршена селекцијата на кандидатите, а веќе во втората половина на април ќе биде познат нивниот кандидат за градоначалник или градоначалничка на Скопје, за претстојните локални избори.
– До 15 или 20 март ние ќе ја завршиме селекцијата на кандидатите кои што ќе одат на анкети, поточна на теренска анкета во своите места на живеење. Некаде до средината на април, мислам дека огромен процент од кандидатите веќе ќе бидат познати и тие ќе ги преземат обврските за спроведување на своја сопствена промоција, со поддршка на централната партија. Во однос на имињата, ние се уште немаме донесено одлука. Ова ќе биде временската динамика, која што ќе одговара и за кандидатите за Скопје како за градоначалници, така и за претставници на членови на советничките листи. Во текот на април, односно во втората половина на април, веројатно ќе биде познат нашиот кандидат за градоначалник или градоначалничка на Скопје, рече Филипче вечерва за време на гостувањето на телевизијата Канал 5.
Како што рече, началниот став барем до овој временски период, е дека за секоја Општина ќе прават различна стратегија во делот на коалицирањето.
-Во таа смисла, може да поддржиме и независни кандидати, со кои споделуваме еднакви врендости и политики, во чии што политики веруваме и ние и тие, со цел да обединеме што поголем број на луѓе кои што би гласале за добри и квалитетни кадри, додаде Филипче.
На новинарско прашање дали е можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во некои општини за време на претстојните локални избори, Филипче одговори дека немале средби на тоа ниво, но тој е отворен за сите можни коалициски комбинаторики, кои ќе донесат бенефит за граѓаните.
-Не сме имале разговори, ниту пак средби на тоа ниво, и покрај тоа што има одредени повици од страна на премиерот, од негови коалициски партнери и има одговор и од наша страна. Сметаме дека постојат ситуации во кои што е потребно да се седне и во Парламентот да се разговара за теми од национален интерес. Ние таква комуникација за соработка на локално ниво до сега не сме имале. Јас сум апсолутно отворен за буквално сите можни коалициски комбинаторики, кои ќе донесат бенефит за граѓаните, рече Филипче.
Прашан дали се отворени вратите за идна соработка со ДУИ, Филипче напомена дека немале понуда и не разговарале на таа тема, но тој е на ставот дека ДУИ со своите националистички реторики повеќе се доближува до ВМРО-ДПМНЕ.
-Научената лекција од коалиција со ДУИ е тоа што сметам дека на некој начин ни донесе намалување на бројот на гласовите, поради тоа што настојувавме таа коалиција да ја одржиме што подолго време. Такви беа бројките во Парламентот, без таа коалиција практично Владата не можеше да опстане. Меѓутоа ние водевме дравнички политики, кои што верувавме дека треба да се имплементираат и да носат добро за државата, меѓутоа наштетија на партијата. Сметам дека треба да се носат одлуки за коалиција врз основа на вредносни политики, рече Филипче.
Тој додаде дека како партија се водатипо принципите на вредносни политики и взаемна почит меѓу коалициските партнери.
-Моето мислење е дека во последниот период ДУИ повеќе се доближува до ВМРО-ДПМНЕ, со тие националистички реторики кои што ги иницираат во општеството. Сметам дека сакаат да креираат криза за некои прашања, со цел да привлечат дополнително внимание. Впрочем, не знам како да се објасни бегството на Артан Груби, како го пропуштила полицијата, дали тука постои некоја соработка или не, ќе видиме, додаде Филипче.
Инаку, на 16 март следната недела ќе се одржат нови внатрепартиски избори во СДСМ. Филипче, кој што е единствениот кандидат, потенцираше дека имаат отворен систем и единствен пристап на гласање во земјава, на кој целото членство гласа за партиски претседател.