Во Делчево промовирано делото „Корона катрени“ од Васил Маневски

Во организација на Јавната локална библиотека „Илинден“ и Здравствениот дом „Гоце Делчев“ од Делчево денес се одржа промоцијата на делото „Корона катрени“ од авторот Васил Маневски. Делото како што истакна авторот е негов личен придонес во борбата против Ковид-19.

– Со ова дело сакам на некој начин да се заблагодарам до сите кои допринесуваат ова зло да биде надминато. Книгата ја пишував три-четири месеци, од појавата на короната во Кина, до актуелните наши состојби со Ковид-19. Во книгите се опфатени моите писихички доживувања, изолации, забрани за движење за кои читателите ќе дознаат ако ја прочитаат книгата, рече Маневски.

Директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска изрази благодарност до авторот за неговата поддршка до здравствените работници.

– Ова е дело во наша чест и како поддршка на здравствените работници, што на нас многу ни значи, за што сме му благодарни на авторот, истакна Глигоровска.

Книгата веќе од утре како што додаде директорката на библиотеката Билјана Петровска ќе се најде на полиците во библиотеката.

– Со задоволство ќе купиме примероци од оваа книга која веќе од утре ќе биде достапна за читателската публика која ја посетува библиотеката. Во ЈЛБ „Илинден“ покрај ова дело ги имаме и неговите други книги „Љубов и страдања, двете изданија на „Зад твојот сон“ и Плачеше цела Малешевија, додаде Петровска.

Маневски за во иднина најави излегување и на стихозбирката „Ѕуница“, како и на делото „Тестамент“.

Back to top button
Close