Во хотел Хилтон премиерот ги угости со Велигденски ручек функионерите од власта,бизнисмени, верските поглавари и новинари
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во хотелот „Хилтон“ приреди ручек по повод претстојниот верски празник Велигден, а на кој, меѓу другите, присуствуваа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова , поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаи, министри во Владата, пратеници, градоначалници и претставници на медиумите.

Мицкоски преку објава на својот фејсбук-профил сподели фотографии од Велигденскиот ручек наведувајќи дека настанот ги обединил претставниците на институциите и општествениот живот во заедничко славење на вредностите што ги носи празникот.
Од фотографиите може да се забележи дека на масата покрај премиерот седат претседателката Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи. Меѓу другите присутни, можат да се забележат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски новоизбраниот државен обвинител Савевски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
„Денес, во духот на големиот христијански празник Велигден, организирав свечен Велигденски ручек, исполнет со топлина, заедништво и почит кон традицијата. Овој значаен настан ги обедини претставниците на институциите и општествениот живот во едно заедничко славење на вредностите што Велигден ги носи – надежта, љубовта, простувањето и новиот почеток. Во атмосфера на меѓусебно разбирање и почит, се испрати силна порака за единство, солидарност и заедничка грижа за доброто на сите“,напиша Мицкоски на Фејсбук.

Осврнувајќи се на празникот, премиерот додава дека Велигден нè потсетува дека токму преку сплотеноста и човечноста можеме да ги надминеме сите предизвици и да изградиме подобра иднина за нашата држава.
„Со оваа свеченост, уште еднаш се потврди определбата за негување на традицијата и зајакнување на заедничките вредности што нè поврзуваат како народ“,вели Мицкоски.






