Во Хрватска приведени антиваксери, осомничени дека поттикнувале тероризам

Во пет хрватски окрузи приведени се најмалку пет лица, меѓу кои и Марко Францишковиќ, водачот на протестите против вакцинацијата, кои се осомничени за јавно поттикнување тероризам, објави хрватскиот портал „Индекс“.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека во пет жупании се води кривична истрага поради постоење сомнение за сторено кривично дело јавно поттикнување тероризам.

Се наведува дека станува збор за истрага поради сомневање за дејства што поттикнуваат кршење на основните уставни, политички, економски и општествени темели на Хрватска со напаѓање на физичкиот интегритет на други лица и јавни објекти.

„Во денешните акции се опфатени повеќе лица, кои се под надзор на полицијата“, се вели во соопштението и се додава дека во наредните денови полицијата ќе работи на собирање докази со претрес на објекти, возила и друга опрема.

„Индекс“ неофицијално дознава дека меѓу приведените се и Марко Францишковиќ, еден од говорниците на неодамнешниот протест против ковид-сертификатите во Загреб и Шибеник, Натко Ковачевиќ, теоретичар на заговор, кој во 2016 година во емисијата на ХРТ изнесе теории од типот „Бил Гејтс, кој сака да ги убие Хрватите“. Порталот дознава дека меѓу приведените е и Денис Башнец, кој се претставува како лекар по природна медицина, фитотерапевт, билкар и нутриционист.

Се додава дека станува збор за лица што организирале акции во затворени групи преку апликацијата „Телеграм“ за да протестираат против ковид-сертификатите во Загреб, а некои од нив, како што се наведува, предложиле и насилни акции.

Back to top button
Close