Во Италија масовна тепачка меѓу Македонци и Албанци,  уапсени 11 лица 

Брутална пресметка меѓу две групи иселеници, Македонци и Албанци, ја вознемири јавноста во италијанскиот град Перуџа. Инцидентот, кој започнал во бар во областа Сан Систо, заврши со 11 уапсени лица, неколкумина повредени и вистински хаос низ улиците.

 

Според првичните сознанија на истрагата, конфликтот не бил планиран, туку ескалирал поради банална причина – фотографија направена со мобилен телефон. Расправијата меѓу младите лица брзо прераснала во масовно насилство во кое се користеле столици, маси, па дури и дрвени палки долги над 60 сантиметри. Во тепачката биле вклучени и неколку романски државјани.

 

 

Ситуацијата дополнително се драматизирала кога двајца од учесниците, обидувајќи се да побегнат со автомобил, налетале на 27-годишен Македонец кој се здобил со тешки фрактури на нозете.

 

Тој е хоспитализиран во болницата во Перуџа со прогноза за лекување од најмалку 30 дена. Полицијата сè уште трага по возачот и неговиот сопатник, меѓу кои има и еден малолетник.

 

 

По пријава на итниот број 112, на терен излегле голем број припадници на карабиниерите и полицијата. Уапсените лица се на возраст од 19 до 31 година, а дел од нив веќе имале дебели полициски досиеја.

 

При претресот, кај еден од учесниците била пронајдена и дрога, додека друг се обидел да ги сокрие клучовите од автомобилот во саксија за да избегне заплена на возилото. Сите приведени се префрлени во затворот „Капане“ и ќе одговараат за тешко насилство.

 

 

 

Back to top button
Close