Во Клиничката болница во Штип почната идентификацијата на починатите
– Во Клиничката болница во Штип донесени се седум деца без знаци на живот, изјави денеска директорот на КБ Штип, Владко Захариев. Во моментот тече процесот на идентификација, досега четири тела на починатите се идентификувани од полицијата. Во болницата сместени се 39 пациенти, претежно со изгореници од втор степен.
– Во Штипската клиничка болница донесени се седум деца без знаци на живот. Тие се починати. Во моментов има седум тела во Клиничката болница во Штип. Во моментот е процесот на идентификација, четири се идентификувани од страна на полицијата, три тела се во процес на индентификација. И сега во моментот на тие што идентификувани, се потврдување од семејствата, изјави Захариев.
Во Клиничката болница во Штип згрижени се 39 пациенти од несреќата. Од 03:30 до 05:00 часот во Клиничката болница во Штип биле донесени 80 пациенти и на сите им била направена тријажа.
– Донесовме одлука првин да ги праќаме тие пациенти што се со полесна клиничка слика, додека тие што ги пративме во клиниките во Скопје се пациенти кои беа покритични во моментот. По нивната стабилизација во консултација и координација со клиниките во Скопје со помош заедно на заменик министерот ги упативме во Државната болница, во ГОБ „8 септември“ и Градската општа болница, изјави Захариев.
Во моментот во болницата во Штип се сместени 39 пациенти, претежно со втор степен изгореници, едниот пациент има повреда на потколеница на лева нога и е сместен на ортопедија, тој утре ќе се оперира.
Во болницата во Штип, сиот персонал е на работа, има доволно антиобиотици, завои, серуми … Како што изјави Захариев, пикот на прегледи и тријажи е завршен, пациентите се згрижени во Болницата, примаат терапија и нема потреба од помош од други болници. Захариев се заблагодари на болниците во Струмица, Кочани и Пробиштип и сите здравствени институции кои излегле во пресрет со испраќање на екипи и санитетски возила.