Во Куманово неделава ќе се одржат традиционалните Рома Труба Фест и Тамбурашкиот фестивал

Кумановци до крајот на неделава, на градскиот плоштад, следејќи ги здравствените протоколи, ќе уживаат првин во звуците на трубата, а потоа и во звуците на тамбурата, најавија денеска надлежните од секторот за култура од општината на прес-конференцијата која се одржа во занаетчискиот дом.

На 27 август ќе се одржи Рома Труба Фест, а наредните два дена 28 и 29 август ќе се одржи Тамбурашкиот фестивал. Оваа година, поради состојбата со Ковид-19 на двата фестивали ќе учествуваат исклучиво македонски оркестри и групи. Двата фестивали се одржуваат со поддршка на Министерството за култура и Општина Куманово.

– Рома Труба Фест годинава се одржува по јубилеен 15-ти пат во Куманово. Ќе настапат само македонски оркестри поради ситуацијата со пандемијата. Ќе имаме богата една вечер, изјави директорот на фестивалот Самет Салиевски.

На фестивалот ќе настапат оркестрите: Уска Кан Кантуров, Кочани Оркестар, Млади Агушеви, Старс Бенд, Млади таленти, Исмо Бенд, Роберт и Ферчо и Бед Бојс. Специјални гости се Кеми Асанов, Ферус Мустафов, Руфат-Роки Селимовски и Џело Дестановски.

Наредните два дена ќе се одржат двете фестивалски вечери на 16-тиот Тамбурашкиот фестивал, најави директорот на Фондацијата, Нино Величковски. Тој смета дека е добра пракса и во иднина да се спојат двата фестивали.

На првата фестивалска вечер ќе настапат групите: Табиет, Боеми и Синтезис, додека на втората вечер  „На здравје“ и „Љубојна“.

На градскиот плоштад на двата фестивали предвидено е да има мали огради, за да се запази физичката дистанца, посетителите се должни да носат маски и да ги дезинфицираат рацете. Почетокот на Рома Труба Фест е закажан за во 19:00 часот, додека тамбурашкиот фестивал  во 20:00 часот.

Организаторите повикаа сите да се однесуваат одговорно и да го „положат“ најважниот здравствениот аспет и да уживаат во звуците на трубата и тамбурата.

Министерството за култура за Рома Труба Фест одвојува 700.000 денари, а за Тамбурашкиот 200.000 денари. Општина Куманово за Рома Труба Фест одвојува 300.000 денари, додека за Тамбурашкиот 800.000 денари.

Величковски најави дека на 27 август во предвечерието на православниот празник, првин пред црквата Свети Ѓорѓија во Старо Нагоричане, а час и половина подоцна и во дворот на црквата Свети Никола во Куманово концерт ќе одржи хорот Света Злата Мегленска.

Back to top button
Close