Во М-НАВ незаконски унапреден чуварот, членовите на Управниот одбор заработија кривична пријава

Членовите на Управниот одбор на М-НАВ заработија кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење и повреда на правата од работен однос.

Според документите со кои располага „Фокус“, тие му овозможиле на чуварот или како што се наведува во документите обезбедувачот на имот, кој е роден брат на функционер со звучно име од сферата на финансиите, незаконски да биде унапреден.

„На ден 19.02.2025 година, пријавените Владимир Ристески, Милан Кораќ и Фатмир Зимбери, во својство на членови на Управниот одбор на Акционерското друштво за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје (во понатамошниот текст: М-НАВ АД Скопје), на 13-тата седница на одборот, свесно и со намера, постапувајќи спротивно на повеќе законски и подзаконски прописи, донеле две меѓусебно поврзани одлуки со кои овозможиле незаконско унапредување на вработен во претпријатието.

 

Прво, пријавените донеле Одлука со која на работникот Сашо Славески, кој дотогаш го извршувал работното место „Обезбедувач на имот Охрид“ во Одделението за општи работи, му се врши измена на договорот за вработување и истиот се распоредува на работно место „помошник за обука и координација во Одделение за воздухопловни информации – AIS во Сектор за воздухопловна навигација“, со важност од 01.03.2025 година. Оваа одлука претставува суштинско унапредување на работникот на повисоко, посложено и повисоко платено работно место, со што за него е прибавена значителна имотна корист“, се наведува во кривичната пријава поднесена до Основно Јавно Обвинителство.

Чуварот станал помошник за обука, а платата од 50.000 му скокнала на 100.000 денари. Работникот е унапреден од први март 2025 година и до јуни оваа година, со новата плата земал 7 илјади евра плус.

„Конкретно, со ова унапредување, коефициентот за пресметка на плата на работникот Славески е зголемен од 1.2087, колку што изнесувал за работното место „Обезбедувач на имот – Охрид“, на 2.3177 за новото работно место „Помошник за обука и координација“ (коефициенти). Согласно Колективниот договор на М-НАВ АД Скопје, вредноста на коефициентот 1,00 изнесува 452,41 бода, при што еден бод е еднаков на денарската противвредност од едно евро (Член 50).

 

Со тоа, месечната бруто плата на работникот е незаконски зголемена за износ кој се добива со следнава пресметка: (2,3177 – 1,2087) x 452,41 ЕУР = 1,109 x 452,41 ЕУР = 501,72 ЕУР во денарска противвредност.
Бидејќи унапредувањето е на сила од 01.03.2025 година, до моментот на поднесување на оваа пријава (04.06.2026 година), на работникот му се исплатени 14 месечни плати со незаконски зголемен износ. Вкупната прибавена имотна корист за работникот, а со тоа и вкупната штета нанесена на буџетот на М-НАВ АД Скопје, изнесува 14 месеци x 501,72 ЕУР/месец = 7.024,08 ЕУР во денарска противвредност“, се наведува понатаму во кривичната пријава со ОЈО.

Вработените во Македонската навигација се револтирани поради лошата финансиската состојба во која се наоѓа Друштвото и милионските кредити. Според нив, Управниот одбор работи незаконски.

Она што ги налутило вработените е фактот што за да може работникот да биде унапреден, морало за него да се смени систематизацијата на работни места, и да се создаде ново работно место, без притоа да постои реална потреба ниту да има каква било анализа.

 

Но, тука не завршуваат незаконитостите во постапувањето на Управниот одбор. Исто така, не бил објавен законски задолжителниот интерен оглас за унапредување а менаџментот не ни побарал согласност од Министерството за финансии за обезбедени финансиски средства за предметното унапредување, што е задолжителна обврска согласно буџетските прописи, а тоа се потврдува и во повратниот одговор од актуелната министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

 

„М-НАВ е АД во државна сопственост, и како за сите со таков статус, важат буџетски правила“, реагираат дел од нив.

Вработените во компанијата уште коментираат дека ова не е прв пат да се кршат и заобиколуваат закони кога треба да се задоволат нечии желби, но дека во последно време секоја ваква постапка ја руши и онака кревката финансиска конструкција на која се одвива работењето на оваа важна организација која се грижи за безбедноста на македонското небо.

Back to top button
Close