Војната со Иран веќе чини повеќе од милијарда долари: Ова е процена на трошоците

Форбс

Воените напади на претседателот Доналд Трамп врз Иран веројатно веќе ги чинеа американските даночни обврзници повеќе од милијарда долари, според грубите процени. Притоа, во текот на викендот војната однесе стотици милиони долари поради соборените авиони. Вкупниот цех би можел да се приближи до износот од 100 милијарди долари, во зависност од тоа колку долго ќе потрае конфликтот.

Трамп нареди воена операција во Иран која почна во саботата рано наутро. Американската војска изврши напади по повеќе од еден месец ескалација на тензиите меѓу Иран и Израел.

Три авиони F-15E Strike Eagle беа соборени во Кувајт во неделата, потврди Централната команда на САД (CENTCOM), што ја чинеше американската војска најмалку близу 300 милиони долари, со оглед на тоа што се проценува дека секој авион чини околу 90 милиони долари.

Дури и пред нападите сериозно да почнат, преместувањето на трупите, бродовите и авионите во регионот веројатно ја чинеше војската околу 630 милиони долари, изјави за „Волстрит Џурнал“ во саботата Елејн Мекаскер, виша соработничка на истражувачкиот центар American Enterprise Institute и поранешна функционерка на Пентагон задолжена за буџет.

Колку чинат еден дрон и еден Томахавк

Иако целосниот обем на воената операција во Иран сè уште не е јасен, таа веќе е од големи размери: CENTCOM во понеделникот соопшти дека војската веќе погодила повеќе од 1.250 цели во Иран во првите 48 часа од почетокот на нападите. Објавен е список со повеќе од 20 различни воени средства и системи на вооружување кои се користени досега.

Тие операции веројатно додадоа милиони долари на трошоците за војната само во последните неколку дена. Производството и употребата на тие средства чинат од 35.000 долари (цена на еднонасочен дрон, како системот LUCAS) до повеќе милиони (крстосувачки ракети Томахавк, чија цена по единица во 2026 година се проценува на околу 1,3 до 2,5 милиони долари, во зависност од варијантата).

Овие трошоци не ги вклучуваат дневните издатоци за одржување на трупите во регионот. „Вашингтон Пост“ во понеделникот извести дека во операцијата веќе се ангажирани околу 50.000 војници, а можно е таа бројка да расте.

Тешко е прецизно да се процени колку точно ги чинат американската влада нападите врз Иран, бидејќи целосниот обем на операцијата и видот на употребеното вооружување сè уште не се целосно познати. Сепак, сметката брзо расте.

 

Трошоци

13 милиони долари дневно: цена на два носачи на авиони во регионот. „Џурнал“ претходно извести дека војската распоредила два носачи на авиони во регионот. Центарот за нова американска безбедност во 2013 година процени дека секој од нив чини најмалку 6,5 милиони долари дневно за оперативни трошоци. Тој износ денес веројатно е поголем. „Блумберг“ во февруари процени дека оперативниот трошок на носачот USS Gerald Ford, кој е испратен кон Иран, изнесувал околу 11,4 милиони долари дневно додека бил стациониран кај Венецуела.

43,8 милиони долари: цена за приближно 1.250 „камиказа“ дронови. За поединечни удари, CENTCOM наведе дека војската во многу случаи користи еднонасочни „камиказа“ дронови кои се уништуваат за време на нападот и се поевтини за производство. Не е познато колку точно напади се изведени со помош на тие дронови. „Блумберг“ наведува дека секој дрон чини 35.000 долари. Поголемите целни напади веројатно поединечно чинеле милиони: Камерон Чел, извршен директор на производителот на дронови Draganfly, изјави за „Фокс Њуз“ дека нападите во кои во саботата беше убиен иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи „можно е да чинеле десетици милиони долари“, поради употребата на поскапи прецизни дронови и летала со екипаж.

130.000 до 150.000 долари по час лет: бомбардери B-2. Поскапите бомбардери се значително поскапи за оперативна употреба од еднонасочните дронови. „Њујорк Тајмс“ наведува дека бомбардерите B-2, за кои CENTCOM потврди дека се користени во нападите, чинат меѓу 130.000 и 150.000 долари по час лет само за оперативни трошоци.

2 милиони долари: ракети Томахавк. Извештаите сугерираат дека војската користела крстосувачки ракети Томахавк за извршување на нападите, а „Тајмс“ проценува дека секоја чини околу 2 милиони долари.

12,8 милиони долари: THAAD пресретнувачи на балистички ракети. Овие системи, кои војската ги користи за пресретнување на непријателски проектили, чинат околу 12,8 милиони долари по парче, според документите на Пентагон на кои се повикува The Hill. Сè уште не е познато колку од нив се употребени досега.

Процени на аналитичарите

Кент Сметерс, директор на Penn Wharton Budget Model (PWBM), во понеделникот за Fortune процени дека вкупниот трошок од конфликтот во Иран за даночните обврзници ќе изнесува најмалку 40 милијарди долари, иако тој износ веројатно ќе биде поблиску до 65 милијарди. Доколку конфликтот потрае, трошоците би можеле да достигнат дури 95 милијарди долари. Ова ги вклучува директните трошоци за воените операции и замената на воените резерви.

Сепак, вкупниот економски трошок на конфликтот ќе биде значително поголем. Сметерс смета дека војната би можела да предизвика економски загуби за САД во износ помеѓу 50 и 210 милијарди долари, како последица на очекуваните нарушувања во трговијата и на енергетските пазари.

САД веќе потрошија милијарди на операции во Иран откако Трамп ја презеде функцијата, дури и пред најновиот бран напади. Проектот „Трошоци на војната“ (Costs of War) на Универзитетот Браун проценува дека воените операции во Иран во 2025 година чинеле помеѓу 2 и 2,25 милијарди долари, вклучувајќи ги и нападите за време на „12-дневната војна“ минатиот јуни.

Присуството на војската во регионот оваа година изгледа уште поголемо. „Џурнал“ во февруари извести дека во последните недели на Блискиот Исток се преместени повеќе американски авиони отколку во кој било момент од 2003 година досега.

 

Колку чинеа операцијата во Венецуела и другите конфликти

Операциите во Иран уследија по сличното трупање воени капацитети во Венецуела, кое владата ја чинеше околу 31 милион долари дневно, според Центарот за стратешки и меѓународни студии. „Блумберг“ во февруари информира дека вкупната цена на воените операции во тој регион веројатно надминала три милијарди долари. На Блискиот Исток, проектот „Трошоци на војната“ на Универзитетот Браун проценува дека САД потрошиле помеѓу 31,5 и 33,7 милијарди долари во периодот од октомври 2023 до септември 2025 година, вклучувајќи ја воената помош за Израел и операциите во Иран, Јемен и поширокиот регион на Блискиот Исток.

Истражувачите од Браун во 2021 година проценија дека САД потрошиле 5,8 билиони долари на војните по нападите на 11 септември, што ги вклучува и трошоците надвор од директните воени операции, како што се здравствената грижа за ветераните и антитерористичките активности во самите САД.

Трошоците за воените операции сочинуваат само дел од вкупните трошоци и економското влијание на војната во Иран. Таа веќе влијаеше врз цените на нафтата и гасот и се заканува да ги зголеми трошоците за патување и инфлацијата. Берзанските индекси паднаа за околу 1 процент пред отворањето на пазарот во понеделникот по првичните напади за време на викендот, иако подоцна зајакнаа. Конфликтот во Иран се заканува да ја влоши постојната криза на достапност во САД преку зголемување на трошоците за гориво за граѓаните. Војната исто така доведе до повеќемилионски воени издатоци на Израел и Иран и предизвика несогледлив човечки данок. Досега се пријавени повеќе од 500 жртви во Иран, а CENTCOM наведува дека најмалку шест американски војници загинале во акција. Ударите исто така предизвикаа повеќе смртни случаи во други земји на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Израел, Обединетите Арапски Емирати и Оман.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close