Во невремето во Хрватска оштетени 40 основни и средни училишта, како и 24 градинки

По силното невреме што го погоди Загреб и делови од Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ апелираше до граѓаните да ги следат упатствата и вети помош за санирање на штетите.
– Апелирам до сите да ги следат упатствата. Ќе му помогнеме на Градот во санирањето на штетите, како и секогаш. Има голема штета. За среќа, никој не е повреден, нема жртви. Ви благодарам на сите што помагате во ублажување на штетите – рече Пленковиќ.
Речиси цела Хрватска ја зафати силно и опасно невреме, со налети на ветер до 120 километри на час, уништувајќи сè пред себе.
Во Загреб бие оштетени многу објекти и згради, неколку лица беа повредени, едно потешко, изјави претходно денеска градоначалникот Томислав Томашевиќ. Тој додаде дека невремето предизвикало огромна штета во самиот Загреб и на градските гробишта Мирогој.
Десетици дрвја биле искорнати. Поради исклучително тешките услови, влажниот снег и силниот ветер кој сè уште ги урива дрвјата, престојот во Медведница и зелените површини на градот Загреб и работата на отворено претставуваат сериозна опасност по животот, предупредија Хрватски шуми.
Во повисоките делови на Медведница моментално има околу половина метар снег, додека на некои локации снежните наноси се високи до еден метар, соопштија Хрватски шуми.
Во невремето беа оштетени 40 основни и средни училишта, како и 24 градинки, а наставата денеска беше откажана во Загреб и Загрепската жупанија поради безбедноста на учениците, објави претходно Томашевиќ.






