Вo потрага по изгубената реалност

Бидејќи почитуваниот Ордановски го внесе Пруст на македонската постизборна сцена преку неговата „мисловна бравура“ за убавите жени (https://libertas.mk/ako-e-bal-neka-e-maskenbal/), треба да се каже дека славниот писател имал три важни жени во животот: мадам Лаура де Шевиње, мадам Женевјев Штраус и контесата Грефуле. (Поклопувањето на бројот три со бројот на водечките партии во Македонија е сосема случаен!). И трите биле некако – грдички. Добро, знам, звучи сексистички, звучи секако… ама во контекстот на поимот убаво тие би биле некаде кон дното. И да, и тоа нема никакво значење, ама ни Пруст не бил некој лепотан. Па уште пишувал/трагал по – загубеното време!

Но, токму тоа би била одлична поента/релација на насловот на најпознатиот роман на Марсел Пруст и македонската актуелност – постизборна и секоја друга – каде ние упорно и бесполезно трагаме по нешто одамна загубено, по нешто што никако нема да ни се врати во блиска иднина. Трагаме ко Самоилови слепци по некоја иднина (ако не за нас тогаш за нашите деца/внуци), по некој морал (ако не за нас тогаш за нашите деца/внуци), по политички стандарди (ако не за нас тогаш за нашите деца/внуци), по државничко однесување (ако не за нас тогаш за нашите деца/внуци)… ама тоа се одамна заборавени нешта. Македонската реланост е сосема друга, контроверзно поинаква, запрепастувачки црно-бела. И застрашувачки – криминална. Но ние никако не сакаме да ја видиме таква, сакаме да си ја гледаме низ розови очила, како и Пруст што си ги гледал омилените жени. Во розовоста впрочем секојдневно и не’ убедуваат: партиите, медиумите, перата на аналитичарите. А зошто ни е потребно тоа и такво убедување ако таа наша реалност е токму таква, убаво розова? Зарем сме ние слепи да ја видиме па ни треба некој да ни ја опишува? Некој како Пруст? Или толку треба да ја напнеме фантазијата – повторно како писателот – па и грдото да ни се види убаво?! А сепак, се покажува дека политичарите, дури и нашиве, многу подобро од нас ја познаваат природата на човекот. Или некој им држи добри лекции. Но како и да е, тие секогаш се чекор пред нас.

Имено човекот, за разлика од животните на пример, практично живее во трислојна реалност: надворешните ентитети, личните чувства и – приказните. Така што, ние, свесни за физичкото опкружување (валкано и кичерајско до зла бога) и заглавени во личната реалност (потенцијални стравови, пусти желби, објективни незадовоства, често гнев… сега и оваа пандемија), доколку би останале само на оваа двослојна реалност, не би излегле од дома а камоли да одиме на гласање! Затоа некој одамна, уште од памтивека ја смислил третата „димензија“: раскажувањето приказни. Прво за богови, потоа за богатства, па за народи и нации, сега за премиери и влади и некоја потенцијална благосостојба што не’ чека таму зад аголот. Иако ние никако да стасаме до аголот за да видиме што навистина таму не’ чека! Но тоа и е’ убавината на приказните, барем за оние кои се’ уште веруваат во нив. А веруваме, кај нас, барем вчера, речиси околу еден милион луѓе. Или, поточно: 942.334 илјади. И тоа е сериозна бројка за една ваква држава од само 1,5 милион население. Сериозна, ама едновремено и тажна.

Зошто? Затоа што општество што верува во такви ефтини приказни не е општество ниту пак граѓаните се граѓани. Да, секако, во сите општества живеат такви приказни, ама кај нас истите живеат веќе три децении; во сите општества таквите приказни добиваат разрешница – ваква или онаква, ама кај нас тие само траат, бескрајно, а ние се’ уште веруваме во нив. Ние се’ уште веруваме во некоја и некаква друга реалност во којашто ќе не’ одведат партиите, оние на власт или оние во опозиција, ние едноставно одбиваме да ја согледаме онаа реалност на улиците и работните ни места туку веруваме во приказните за некоја друга, подобра, ама утрешна реалност каде на улиците нема да има ѓубре, каде секој ќе го работи тоа за што е најспособен, каде нема да има криминалци и пробисвети на директорски позиции, каде партиската клиентела нема да има пристап до државниот буџет, каде секој ќе одговара за стореното или нестореното… каде министерот за (не)култура нема да пишува онакви глупави писма… ! Зошто никој, на пример, денес не ја раскажува приказната за хакираната Државна изборна комисија покрај толку и толкави државни агенции за разузнавање, за контраразузнавање и за се’ и сешто; зошто никој не поднесува оставки како нова и актуелна приказна; зошто никој ништо не прави за контрола на пандемијата наместо коекакви типови да не’ прашуваат нас „а што значи тоа под контрола?“; кај нас никој не знае ништо, сите се вадат „а кој може да ви каже што ќе се случува“, иако во секоја земја има тимови за проценка и перспективни прогнози…

Некоја нова приказна? Да, ова заличува на некоја ново-стара приказна, преџвакувана и прераскажувана илјада пати, ама не е. Ова е приказна којашто некаде живее, со полни едра и секојдневно, ама не и кај нас. Кај нас само се прераскажува, од избори до избори, и после избори до формирање на влада. Потоа – се заборава, до некоја друга прилика, отприлика за четири години, ако не порано.

Оттука, ние мора да ја бараме и да ја вратиме изгубената реалност, онаа црна, никаква, типично балканска/провинциска, и како таква да ја прифатиме. Кога ќе ја прифатиме, отворено и безрезервно, ќе можеме да почнеме да бараме некоја друга, нова, поинаква. Не партиска, туку наша! Моментот кога ќе ја прифатиме онаа надворешна реалност ќе ни биде и моментот на отрезнување, ќе ни биде мигот на започнување на една нова и поинаква потрага. Отрезнувањето е’/ќе биде болно, ама еднаш (ќе) мора да дојде! Три децении фиктивни приказни без покритие се речиси една третина од денешната должина на човечкиот живот. Вреди ли навистина толкав период да се потроши на – приказни за некоја друга, идна реалност која нема да дојде?

Златко Теодосиевски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close