Во Швајцарија САД и Кина разговараат за „примирје“ во царинската војна
Без коментари за новинарите, но можеби без големи очекувања, барем во оваа фаза од контактите, во Женева започнаа економските и трговските разговори меѓу САД и Кина, кои се очекува да траат во текот на целиот викенд.
Разговорите се на највисоко ниво од избувнувањето на трговскиот конфликт откако Трамп се врати на претседателската функција во САД.
Шеф на кинеската делегација е кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, додека американската страна ја претставуваат секретарот за финансии Скот Бесант и главниот трговски преговарач Џејмсон Грир.
По неколку недели ескалација на тензиите што доведоа до воведување на увозни тарифи од повеќе од 100 отсто меѓу двете најголеми економии во светот, двете страни конечно се согласија да одржат разговори .
„Претседателот би сакал да го реши проблемот со Кина. Како што рече, би сакал ситуацијата да се смири“, изјави американскиот министер за трговија Хауард Латник за „Фокс њуз“ во петокот вечерта.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп ги користи царините како политичка алатка за да изврши притисок врз своите сојузници – и не само врз нив. Во овој контекст, тој воведе или се закани дека ќе воведе високи царини за најважните трговски партнери на САД. Вкупно се воведени царини од 145 отсто за увезени кинески производи, а Пекинг одговори со воведување царини од 125% за американски производи.
Сепак, вчера американскиот претседател навести дека може да ги намали казнените царини што ги воведе за увезените кинески производи на 80 отсто.
Како резултат на тоа, билатералните трговски трансакции се ефикасно суспендирани, додека на глобалните пазари се предизвикани големи турбуленции.
„Позитивен и конструктивен чекор кон деескалација“, изјави генералниот директор на Светската трговска организација, Нгози Оконџо-Ивеала, додека во истиот контекст, швајцарскиот министер за економија, Гај Пармелин, нагласи дека е успех што двете страни разговараат.
Освен тоа, ако некој суди според она што го кажуваат Кинезите, Американците беа тие што ги побараа разговорите.
Трамп „нема еднострано да ги намали своите царини кон Кина. Треба да видиме отстапки и од нивна страна“, предупреди портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.