Во Словенија откриена најголема нелегална фабрика за цигари

Во индустриската зона Тримлини во близина на Лендава, откриена е најголемата нелегална фабрика за цигари во Словенија. Фабриката се наоѓала во хала недалеку од граничниот премин Петишовци, а истрагата е започната откако службениците на финансиската управа запреле камион на патот помеѓу Лендава и Петишовци, објави „Словенске новице“.

 

Според првите проценки, вредноста на запленетата стока е околу 30 милиони евра, што ја рангира таа заплена меѓу најголемите во Европската Унија во последно време. Покрај нелегалното производство, во халата биле откриени и сурови услови во кои биле држени работниците. Според неофицијални информации, таму живееле и работеле најмалку 20 странски државјани, наводно од Парагвај, кои биле принудени да работат од криминална организација, наведува словенечкиот медиум.

 

Тие им кажале на истражителите дека биле заклучени во фабриката и дека „не ја виделе дневната светлина најмалку 25 дена“. Спиеле во халата, а храна им била доставувана само навечер.

 

Полицијата потврди дека покрај нелегалното производство на цигари, истражува и сомневање за трговија со луѓе. Се верува дека криминалната група што ја водела фабриката е поврзана со меѓународни мрежи.

Back to top button
Close