Во тек е постапка за обезбедување на сите центри за социјална заштита во државата, велат од МТСП по случајот во Прилеп
Оттаму апелираат до сите институции навремено и ефикасно да преземаат дејствија во рамки на своите надлежности за обезбедување на безбедност и сигурност на работните места на сите вработени во центрите за социјална заштита
Mинистерството за социјална политика, демографија и млади го осуди настанот во Прилеп од пред два дена кога вработена во прилепскиот Центар за социјални работи беше ранета со огнено оружје.
Оттаму посочуваат дека пред воопшто да се случи настанот во Прилеп, Министерството ја започнало постапката за физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита во државата, имајќи ја предвид сензитивноста на работните задачи на социјалните работници кои се изложени на ризици по здравјето и животот.
„Оваа постапка е во завршна фаза, што значи дека наскоро ќе биде објавен и јавниот оглас за јавна набавка“,велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Апелираат до сите институции навремено и ефикасно да преземаат дејствија во рамки на своите надлежности за обезбедување на безбедност и сигурност на работните места на сите вработени.
По настанот во Прилеп од пред два дена, кога вработена во Центарот за социјални работи беше ранета со огнено оружје, нејзините колеги од Тетово, Прилеп и Неготино побараа итни мерки за заштита, физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците