Во тек е телефонскиот разговор Трамп – Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп во моментов разговара со рускиот претседател Владимир Путин за изнаоѓање решение за мир во Украина. Трамп и европските лидери бараат Кремљ да прифати итен прекин на огнот за да се стави крај на најсмртоносниот конфликт во регионот по Втората светска војна.
Белата куќа потврди дека телефонскиот разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин е започнат.
Пред разговорот, Белата куќа соопшти дека Трамп се „фрустрирал“ од Владимир Путин и Володимир Зеленски.
„Темите на разговорот ќе бидат запирање на крвопролевањето, во кое во просек гинат повеќе од 5.000 руски и украински војници неделно, како и трговијата“, напиша Трамп на својата страница Truth Social.
„Се надевам дека ќе биде продуктивен ден, дека ќе се постигне примирје и дека оваа многу насилна војна, војна што никогаш не требаше да се случи, ќе заврши“, рече Трамп.
Трамп денеска имаше телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, потврди украинското претседателство, а од Белата куќа најавија дека по завршувањето на разговорот со Путин, американскиот претседател повторно ќе разговара со украинскиот колега Зеленски.