Mакедонската економија годинава ќе порасне за 3 отсто, предвидува Европската комисија
Европската комисија предвидува дека економијата на Македонија во 2025 година ќе порасне за 3 отсто, што ја става во средина меѓу земјите од Западен Балкан.
Тоа се наведува во пролетните економски прогнози на Европската комисија објавени денес. Во делот за македонија стои дека растот на БДП се забрза во 2024 година, поттикнат од инвестициите и јавната потрошувачка. Вкупната инфлација продолжи да опаѓа, но сепак повторно порасна кон крајот на годината, главно поради базните ефекти. Се предвидува дека растот постепено ќе се забрзува, поддржан од голем проект за јавна инфраструктура и од потрошувачката на домаќинствата, која има корист од силниот раст на платите и намалувањето на инфлацијата.
Фискалниот дефицит се покажа помал во 2024 година од ревидираната цел на владата, делумно бидејќи капиталните расходи повторно беа недоволно имплементирани. Домашната побарувачка ќе остане единствен двигател на растот. Реалниот БДП се зголеми за 2,8% во 2024 година. Растот беше поттикнат од инвестициите и од јавната потрошувачка, при што второто делумно одразува силен пораст на платите во јавниот сектор. Иако поддржан од зголемувањето на реалните приходи, растот на потрошувачката на домаќинствата остана пригушен.
Светска банка предвиде дека Македонија ќе има раст од 2,6 отсто во 2025, додека прогнозата на ММФ е 3,2 проценти.
Од регионот се предвидува дека Албанија ќе има најголем пораст на БДП – 3,6 проценти. За Србија се предвидува пораст од 3,2 отсто. Црногорската економија треба да порасне исто колу македонската – три отсто, економијата на Босна и Херцеговина два проценти. Косово не е наведено меѓу прогнозите.