Волците се враќаат во Европа, но не и на Балканот

Европа е дом на над 21.500 волци (Canis lupus), кои во се поголем број ги има во повеќе европски земји. Но, како што се зголемува бројот на волци во Европа, така опаѓа нивната бројност на Балканот. Особено е забележано намалено присуство на волците во Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека е непознато каква е ситуацијата во Косово. Ова се посочува во најновата студија објавена од тим истражувачи на 25 февруари 2025 година. Во неа се посочува дека некои земји, бројноста на волците расте со неверојатно темпо. На пример, во Германија, волците се зголемиле од една глутница во 2000 година на 184 глутници и 47 пара во 2022 година.

Мониторинг во 34 земји

Тимот истражувачи ја заснова својата проценка на мониторинг извештаи и експертски проценки во 34 земји. Тие откриле дека до 2022 година најмалку 21.500 волци ја населиле Европа, од кои 19.000 биле пронајдени во Европската унија (ЕУ). Ова, според истражувачите, е зголемување за 58 отсто од 12.000 проценети пред 10 години.

„Во повеќето земји, популацијата на волци продолжи да се зголемува и сега се наоѓаат во сите, освен во најмалите земји на континентална Европа. Неколку земји – Бугарија, Грција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Романија – сега имаат повеќе од 1.000 единки. Поради различни причини, вклучувајќи ги целите на управување (т.е. ограничувања на популацијата) или релативно неодамнешната реколонизација на видот по долго отсуство, некои земји имаат помалку од 100 единки (Австрија, Белгија, Данска, Унгарија, Луксембург, Норвешка и Холандија). Трите микродржави Монако, Сан Марино и Ватикан остануваат единствените земји во континентална Европа кои не доживеале реколонизација на волци“, се наведува во студијата.

 

Повеќе волци во 19 земји

Во текот на последната деценија, бројот на волци се зголемил во 19 земји (Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Литванија, Холандија, Полска, Словачка, Словачка Република, Словенија, Шведска, Швајцарија и дел од Турција.

Во осум земји, присуството на волците останува стабилно – Албанија, Хрватска, Луксембург, Норвешка, Португалија, Романија, Шпанија, Украина, флуктуација има во три земји (Естонија, Летонија, Србија). Мала, изолирана популација во јужна Шпанија е единствената европска популација на волци што изумрела во последниве години.

Во ЕУ, волците го делат пејзажот со милиони диви копитари, 279 милиони грла добиток и 449 милиони луѓе. Волкот е строго заштитен, но и претставува опасност за домашните животни. Тие годишно убиваат приближно 56.000 домашни животни во ЕУ. Надоместокот на штетата чини 17 милиони евра годишно за европските земји.

Волкот, според Бернската конвенција за заштита на европските диви видови и природни живеалишта, досега се сметаше за еден од дивите видови кој не смее да се вознемирува, зароби, убие или тргува. Во декември минатата година, земјите потписнички на Бернската конвенција го намалија статусот на заштита на волкот од „строго заштитен“ на „заштитен“. (dw)

Back to top button
Close