Вонредна состојба во неколку региони на Перу во наредните 30 дена поради протестите

Владата на Перу воведе вонредна состојба во наредните 30 дена во неколку региони почнувајќи од денеска поради протестите во земјата, се вели во владината уредба.

Во уредбата се наведува дека вонредна состојба се воведува во регионите Пуно, Куско, Лима, во провинциите Калао, Андауајлас, Тамбопата и Тахуаману, како и во областа Тората.

Полицијата ќе обезбеди спроведување на мерките за вонредна состојба со поддршка на вооружените сили, се наведува во владиниот декрет објавен во весникот „Перуано“.

Протестите во Перу започнаа во декември 2022 година по соборувањето и апсењето на поранешниот претседател Педро Кастиљо, кој беше обвинет за бунт и заговор. Во протестите на поддржувачите на Кастиљо, според последните податоци, загинале најмалку 48 лица.

Дина Болуарте, дотогаш потпретседателка на Перу, беше именувана за претседател на државата.

Националното обвинителство на Перу отвори истрага против Болуарте и премиерот Алберто Отарола под обвинение за геноцид поради луѓето кои загинаа за време на протестите.

Back to top button
Close