Вооружени лица се качиле на танкер во близина на Јемен, можно е пиратско киднапирање


Британската организација за поморски трговски операции (УКМТО) денеска соопшти дека добила информација оти вооружени лица се качиле на танкерот „Асана“ во близина на јужниот брег на Јемен.

Според податоците за следење на пловилото, малиот танкер, чие знаме не е познато, пловел кон сомалиското пристаниште Босасо во полуавтономниот регион Пунтланд.

Првичните анализи укажуваат дека најверојатно станува збор за напад на сомалиски пирати, а не на јеменските бунтовници Хути, кои имаат поддршка од Иран.

Танкерот испратил сигнал за помош околу 6:20 часот по Гринич (8:20 часот по средноевропско време), а во моментот на нападот немал вооружено обезбедување, соопшти британската компанија за поморска безбедност „Амбри“.

Според УКМТО, вооружените лица се качиле на бродот во Аденскиот Залив, на околу 65 наутички милји јужно од јеменското пристаниште Мукала.

„Сè уште нема јасни информации за бројот на напаѓачите, за околностите под кои се качиле на бродот, ниту за состојбата на пловилото и на екипажот“, се наведува во соопштението на британската компанија за поморска безбедност „Вангард“.

Претставник на грчката компанија за поморска безбедност „Диаплус“ изјави дека кон местото на инцидентот е испратен јужнокорејски воен брод.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close