Вработен во галерија во Германија изложил сопствено дело па добил отказ

59 годишен Германец прво бушел дупки во ѕидот па потоа го закачил своето дело на ѕидовите на минхенската галерија „Пинакотек дер Модерне“ (Галерија на современа уметност). Свесно ризикувал надевајќи се дека така ќе се пробие во уметничките кругови, пишуваат германските медиуми.

Делото не било долго изложено, изјавил претставник од галеријата.

„Веднаш се забележува вакво нешто“, рекол Тин Хелер за Зидојче цајтунг.

Делото е вратено на вработениот кој работел во техничката служба на галеријата, а за себе вели дека е слободен уметник.

Неговата слика која била со големина 60×120 била закачена во празен ходник. Освен отказ, забранет му е и пристап во галеријата, една од најпознатите во Европа, во чија колекција се и дела на славните уметници како Пикасо, Ернст, Дали.

Веројатно бил инспириран од сличен настан од октомври минатата година во германскиот град Бон кој имаше различен епилог.

Тогаш, вработени во галеријата Бундескунстхале (Bundeskunsthalle) за време на подготовката на изложба, забележиле додатна слика која ја закачил некој од публиката.

„Мислиме дека е забавна и сакаме да го запознаеме уметникот. Побарајте нè и нема да има никаква непријатност, искрено“ објавиле од галеријата на социјалната мрежа Икс.

Дотогаш непозната уметница одговорила на пораката. Данаи Емануилидис кажала дека отсекогаш сакала една од нејзините слики да бидат изложени во некоја галерија.

„Сликата ја прошверцав под огромен дуксер“, рекла за локалниот јавен сервис ВДР.

Галеријата потоа одлучила нејзиниот женски портрет да го стави на аукција, а парите биле донирани на добротворната уметничка организација АртАзил во Келн.

Извор: BBC

 

Back to top button
Close