Вработени во ЗОО Скопје под епидемиолошки надзор поради птичји грип

Вкупно 16 вработени во Зоолошката градина во Скопје биле подложени на епидемиолошко истражување од Институтот за јавно здравје поради потврден случај на птичји грип.

По завршувањето на анкетите, ќе се утврди кои од вработените имале близок контакт со заразените птици и тие ќе бидат ставени под здравствен надзор, објави Слободен Печат.

Институтот за јавно здравје и АХВ веќе потврдија дека птичјиот грип е лабораториски утврден откако една гуска угинала во Зоолошката.

Од АХВ соопштијљ дека влез и излез на животни од зоолошката градина е забранет, ограничено е движењето на луѓе (посетители) во зоолошката градина, наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот на Птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширења надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето.

Мерките ќе бидат на сила 21 ден почнувајќи од вчера за кој временски период и зоолошката градина ќе биде затворена за посетители.

Според правилниците и протоколите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Институтот за јавно здравје, мерките против птичјиот грип, како што е авијарната инфлуенца, траат до 4 недели. Ова е неопходно бидејќи птиците лесно се движат и може да заразат други во блиските области, како што е Градскиот парк.

Според документите достапни на веб страниците на АХВ и ИЈЗ, се дефинираат „контакт зони“ – подрачја каде што птиците можеле да бидат во контакт со заразените и кои треба да бидат надгледувани.

Земајќи предвид дека ЗОО Скопје е во централното градско подрачје и опкружена со парк низ кој секојдневно циркулираат голем број граѓани, јавноста е во исчекување ИЈЗ и АХВ да излезат со јасни препораки дали покрај вработените во Зоолошката градина кои биле во контакт со птиците, треба да бидат загрижени или да се испитаат и други лица.

Последните случаи на појава на високопатогена авијарна инфлуенца во Македонија беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош

Back to top button
Close