Вработените од СЈО бараат извинување од Пендаровски: Не сме исто со Катица

Поранешните вработени во стручната служба и административно-техничкиот персонал на укинатото Специјално јавно обвинителство се препознале и реагираат за дел од говорот на претседателот Стево Пендаровски за Илинден во Пелинце, кој, меѓу другото, кажа дека граѓаните со право се разочарани од обвинителството кое беше симбол за расчистување со организираниот криминал, а се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал.

Во ваквата изјава, поранешните вработени во СЈО сметаат дека претседателот недвосмислено зборува за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, при тоа поистоветувајќи ги сите вработени без исклучок, како да се тие дел од организиран криминал.

„Обвинителството не го сочинуваше само една личност, па оттаму крајно некоректно е сите вработени да се поистоветат со постапките на една личност и притоа нивниот труд да биде девалвиран. Ниту една постапка на вработените во сега веќе укинатото Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не придонесе за распад на институцијата, туку истата беше укината со политички договор како што беше и создадена“ стои во реакцијата.

Тие бараат јавно извинување од шефот на државата.

„Бидејќи никој, а особено не Претседател на држава, не може и не смее да обвинува од говорница, бараме Претседателот јавно да се извини на сите кои беа дел од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и да ја повлече ваквата срамна изјава во најкус рок. Воедно го повикуваме и охрабруваме Претседателот доколку има сознанија и докази за ваквите јавно изнесени наводи, истите да ги достави до надлежното јавно обвинителство на натамошно постапување. Ние како поранешни вработени во укинатото јавно обвинителство веруваме во правосудните органи и ги повикуваме да ги истражат ваквите изнесени клевети на наша сметка од страна на г-дин Пендаровски“,се вели во реакцијата.

 

Back to top button
Close