Второ издание на Балканскиот поетски камп за деца и млади во Охрид
Поети од регионот во наредните три дена ќе бидат дел од вториот Балкански поетски камп за деца и млади „Поетски искри од огништето на Ванчо Николески“ што од денеска се одржува во Охрид.
Собирот што се одржува во организација на Друштвото за култура и литература „Мацково“ со поддршка на Општина Охрид, оваа година ќе помине во знакот на одбележувањето на 108-годишнината од раѓањето и 40-годишнината од смртта на познатиот охридски писател за деца Ванчо Николески.
Познати поетски творци, меѓу кои и претседателот на Одделот за словенскиот свет на Светската академија за поезија на УНЕСКО, Мајо Данаиловиќ од Белград, во наредните денови ќе работат со деца и младинци, со единствена цел – преку дружење и творење да се вроди љубов и поддржува афинитетот кај најмладите генерации за литературниот збор преку обновнување на споменот кон писателот – втемелувач на литературата за деца и млади, легендарниот Ванчо Николески.
Сите настани и активности кои се предвидени во рамки на програмата на поетскиот камп ќе се одвиваат во согласност со мерките и протоколите за заштита од КОВИД-19 и со примена на дигиталните технологии за комуникација.