Вучиќ: Ако ги изгубам изборите, ќе им се смеам во лице од притвор, затвор и од гроб

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нема да ја напушти земјата доколку неговата Српска напредна партија (СНС) ги загуби изборите кои ги најавува во последните месеци, додека се разгледуваат можните термини за нивно одржување.
Вучиќ, гостувајќи на провладината телевизија „Прва“, рече дека претседателските избори најверојатно би се одржале во јануари 2027 година доколку парламентарните избори се одржат во октомври, објави 4news.mk
„Ако во октомври има парламентарни избори, можно е претседателските да бидат на крајот на декември или почетокот на јануари. Доколку парламентарните избори бидат во ноември, тогаш претседателските сигурно ќе бидат во јануари или можеби најдоцна во почетокот на февруари“, изјави Вучиќ.
Протести и студентска изборна листа
Предвремени избори бараат студентското движење и голем дел од јавноста, во рамки на повеќемесечните протести против власта, кои започнаа по трагедијата во Нови Сад во 2024 година, кога 16 лица загинаа при уривање на настрешница на железничката станица.
Демонстрантите ја обвинуваат власта за корупција и за нефункционирање на институциите, додека студентското движење најави сопствена изборна листа.
Вучиќ денеска изјави дека изборната листа на СНС ќе има многу повеќе млади кандидати од студентската листа.
„Ако граѓаните сакаат да гласаат за младост и иднина – ќе можат да гласаат за СНС. Ние ќе бидеме неспоредливо помлада листа од нивната, а јас ќе бидам меѓу постарите“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека со гордост ќе биде дел од листата, без разлика на позицијата на која ќе биде поставен.
„Ќе им се смеам во лице и од притвор, и од затвор, и од гроб“
Вучиќ порача дека нема страв од можен пораз, освен од Бога, историскиот суд и судот на сопствениот народ.
„Можно е да ги изгубиме изборите, но сепак ќе ги преброиме гласовите. Кога ќе победат на изборите, ќе им честитам и истата вечер ќе кажам дека најлошите можни дошле на власт. Ќе им се смеам во лице цело време – и од притвор, и од затвор, и од гроб, пркосно и гордо“, изјави српскиот претседател.
Критики кон Европа и САД
Осврнувајќи се на поддршката што студентското движење ја доби од дел од меѓународната јавност, Вучиќ ги обвини Европа и САД дека, како што рече, поддржуваат луѓе кои би го нарушиле правниот поредок.
Тој истовремено призна дека власта мора да ги слуша пораките и критиките од незадоволните граѓани, додавајќи дека дел од нивните забелешки се оправдани поради постоење на корумпирани и арогантни поединци во системот.
Вучиќ информираше и дека преку платформата „Кој си бре ти?“, која беше пуштена за пријавување корупција и злоупотреба на овластувања, досега биле доставени околу 10.000 пријави, а одговорено било на околу 3.500 од нив.






