Вучиќ им порача на Србите на Косово дека нема предавање се додека не се формира ЗСО


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ им порача на Србите на Косово дека „повторно се принудени да ги бранат своите огништа на барикадите” и дека „нема предавање и нема да има”, јави дописникот на МИА од Белград.

– Пораката до сите останати е да се формира ЗСО, да се почитуваат правата и слободите на Србите и Србија и да се однесуваат во согласност со потпишаните договори и меѓународното право, бидејќи само така ќе почнеме да ги нормализираме односите и животите на сите нас, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Тој додаде дека „продолжува борбата со сите правни средства за мир, за подобар живот и иднина на нашите деца”.

– Србија ќе победи, порача претседателот на Србија.

Вчера Србите поставија барикади на северот на Косово во знак на протест против апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.

И денеска северот е блокиран и од граѓаните и од полицијата. На премините Јариње и Брњак не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил.

Ана Марија Ивковиќ, новинарка од Косовска Митровица за Н1 изјави дека ноќта поминала мирно на барикадите и дека се чека да се види каква ќе биде ситуацијата.

Back to top button
Close