Вучиќ најави дека изборната кампања ќе ја води со личниот автомобил

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој најави дека ќе се кандидира за премиер, денеска изјави дека кампањата за претстојните парламентарни избори ќе ја води со својот личен автомобил, обиколувајќи ја Србија, барајќи поддршка од граѓаните.

– Нема тука некоја голема филозофија. Ќе седнам во мојот автомобил, ме чека мојата „шкода“, и ќе ја обиколувам Србија од место до место за да побарам поддршка за мандатот за премиер, доколку биде донесена таква одлука – рече Вучиќ.

Тој објасни дека ќе ѝ се приклучи на кандидатската листа „Единствена Србија“ на владејачката Српска напредна партија, откако ќе поднесе оставка од претседателската функција и ќе ја предаде целокупната документација.

Според Вучиќ, прво оставка ќе поднесе српската влада, по што тој ќе ги распише парламентарните избори. Потоа ќе продолжи да ги извршува претседателските должности уште најмногу две недели, по што ќе се повлече од функцијата.

Тој вчера изјави дека изборите во Србија ќе се одржат во рок од 80 до 120 дена.
На крајот на јуни Вучиќ најави дека наскоро ќе поднесе оставка од претседателската функција, но без да прецизира датум.

Минатата недела тој изјави дека претседателските и парламентарните избори ќе се одржат во различни термини, при што најверојатно прво ќе се одржат парламентарните избори.

Во Србија речиси две години се одржуваат масовни антивладини протести со барања за борба против корупцијата и за распишување нови парламентарни избори.

По трагедијата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено при уривање на настрешницата на неодамна реконструираната станица, општествените тензии во земјата дополнително се засилија.

По несреќата се формираше студентско движење кое ги предводи протестите, а во мај 2025 година студентите соопштија дека ќе поддржат кандидатска листа составена од нови личности кои досега не учествувале во српската политика.

Back to top button
Close