Вучиќ најави парични награди за вакцинираните против ковид
Сите граѓани на Србија што досега се вакцинирани или ќе примат барем една доза против ковид-19 до 31 мај ќе добијат од државата дополнителни 3 000 динари.
Ова го најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и според него ова ќе биде еден вид благодарност за луѓето што покажале одговорност.
-Ова можеби ќе биде мотив и за оние што сè уште не се одлучиле дали да се вакцинираат. Но, бидејќи немаме начин како да воведеме мерки за оние што одбиваат да се вакцинираат, редно е да ги наградиме тие што покажаа одговорност и свесност – рече Вучиќ.
Најавената парична мерка се однесува и на пензионерите што ќе одлучат да се вакцинираат во текот на мај. Вучиќ во гостување на утринската емисија на ТВ Пинк рече дека вакцинацијата игра важна улога во подобрувањето на економијата.
–Со вакцинираните ќе можеме повторно нормално да работиме и да ја зајакнеме дополнително нашата економија – додаде Вучиќ.