Вучиќ: Студентите ќе продолжат со насилства, државата ќе одлучи кога насилствата ќе завршат

Студентите и граѓаните кои учествуваат во блокадите „ќе продолжат со насилства“, а државата „ќе го избере моментот кога насилството ќе заврши“, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
„Државата по дефиниција има монопол врз физичката принуда, но мора да биде демократски. Државата мора да го избере моментот и тој момент да биде последен, во примената на сила. Се надевам дека нема да мора да ја примениме таа сила никогаш, изјави тој за Пинк.

Тој рече дека може „со сигурност“ да каже дека „обоената револуција во Србија е завршена“.

„На нив шансата им била да бидам ликвидиран на 15 март. Тоа попладне ги открив плановите на некои криминални групи – не зборувам за студенти – кои работеа заедно со некои државни структури. Сега можам со сигурност да кажам дека обоената револуција е завршена, а наше е што поскоро да се вратиме на патот на економскиот напредок“.

Тој оцени дека повеќедневната студентска блокада на зградата на Радио и телевизија на Србија во Белград е „злосторство без преседан“.

„Се што прават против РТС е злосторство без преседан и ова не го велам затоа што ја сакам и ја почитувам работата на РТС, напротив. Да го блокираат пристапот до зградата 10 дена, да го блокираат излезот, за луѓето да не можат да добијат храна, и дека сето тоа е поддржано од невладини организации и промолчено од многумина однадвор“, рече Вучиќ.

Тој рече и дека надлежните државни органи имаат „аудио и видео снимки“ како некои професори полагаат испити на странски студенти во Србија, од кои, според него, земаат пари, а на домашните студенти не сакале ниту да им даваат онлајн настава.

„Тоа е за затвор и ќе биде за затвор. Наскоро ќе видите како изгледа“, рече Вучиќ.

Тој ја отфрли како „уште една глупост“ кривичната пријава поднесена од Демократската партија против непознато лице за наводна употреба на звучен топ на студентскиот протест на 15 март во Белград.

„Сите во Србија знаат дека немало звучен топ. Тоа го потврди и извештајот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ)“.

Back to top button
Close