Вучиќ: Тешка средба со петорката, очекувам важни средби во Брисел

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, оцени дека денешната средба со „големата петорка“ била тешка.

„Тешка средба со петорката. Верувам дека во наредниот период ќе најдеме излез од кризата. Очекувам важни средби во Брисел во наредните денови“,напиша Вучиќ на Инстаграм

На состанокот во Белград учествуваа специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, заменик-помошникот државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, советниците за надворешна и безбедносна политика на претседателот на Франција и канцеларот на Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер и дипломатскиот советник на премиерот на Италија, Франческо Тала.

Лајчак по средбата во изјава за новинарите посочи дека нема европска иднина за Србија и Косово без имплементација на договорот за патот кон нормализација и сите досегашни договори.

„Изразивме загриженост за негативните случувања во процесот на нормализација, што е директно поврзано со патот на Србија и Косово кон ЕУ“,рече Лајчак нагласувајќи дека целта на посетата на „големата петорка“ е да се види како да се постигне конкретен напредок во спроведувањето на Охридскиот договор на патот кон нормализација на односите, како и деескалација на ситуацијата во Косово.

Сакаме јасно да ставиме до знаење, додаде тој, дека силно го осудуваме нападот врз косовската полиција на 24 септември.

„Сите извршители на нападот мора да бидат изведени пред лицето на правдата и очекуваме целосна соработка на Србија во овој поглед“,рече Лајчак.

Лајчак оцени дека лидерите имаат одговорност кон своите граѓани и дека и Белград и Приштина мора да работат на деескалација и нормализација на односите.

„Таа порака му ја пренесовме на претседателот Вучиќ. Србија и Косово склучија нови договори во февруари и март оваа година и очекуваме двете страни да почнат да ги исполнуваат своите обврски и од новите и од старите договори“,
рече специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина.
Лајчак посочи дека дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе биде на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на европските земји в понеделник, а за него ќе разговараат и лидерите на ЕУ подоцна во текот на следната недела на Советот на Европа.

„Оваа посета директно ќе влијае на тие разговори. Како што многупати кажавме, нема европска иднина ниту за Србија ниту за Косово без нормализација на нивните односи и имплементација на усвоените договори за нормализација, и сегашните и претходните. Сакаме да гледаме стабилен, просперитетен и европски регион на Западен Балкан и затоа дијалогот е од клучно значење. Нашиот разговор со претседателот Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе продолжи и во наредните денови“,заклучи Лајчак.

„Големата петорка“ претходно во Приштина се сретна и со премиерот на Косово, Албин Курти, кој по разговорите изјави дека е потребен нов пристап за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Белград.

Back to top button
Close